Број 2949  понеделник, 30 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Игра на звукот и тишината

Со концертот на германскиот ансамбл „Арката Штутгарт“ во петокот се затвори 32. „Денови на македонска музика“


Тина Иванова



Со концертот на германскиот ансамбл „Арката Штутгарт“ под диригентство на Патрик Штруб, кој во петокот вечерта се одржа во холот на Домот на АРМ, се заокружи годинашното, 32. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Фестивалот заврши со чувството дека на македонската современа музика и' недостига инвенција, свежина, и' недостига оригиналност. Елементот, во генерална конотација, по кој таа би се издвојувала од она што го нуди европската сцена, и светската, а тоа е македонскиот фолклор, и годинава провејуваше низ делата на македонските автори, особено кај оние од постарата генерација. Сепак, може да се каже дека тоа е знак на препознатливост, но не и на посебност. Повторно, кај голем дел од композициите, особено во оние на младите автори, провејува чувството на затвореност и недоволна комуникација не само со она што е тренд во светската современа музичка сцена туку и со поширокиот аудиториум. Недостига експерменталност, креативна бунтовност и храброст, недостига разновидност и игра со стилската и жанровската определба. Причини за ваквата ситуација има повеќе, тие треба да се бараат можеби во севкупната културолошка слика на државата, а не само во одделни сфери.

Поинтилизам, експресионизам, минимализам, традиционален звук... Од се' ова по малку, суптилно, од сите овие стилски насоки кои беа тренд во 20 век, кога музичките дела тежнееја праволиниски да се дефинираат, слушнавме на затворањето на „Денови на македонска музика“. Ансамблот „Арката Штутгарт“ имаше тенденција со својот репертоар да не' понесе на едно еклектично, разнообразно звучно патување, низ делата на македонските автори Гоце Коларовски и Михајло Трендафиловски, на австралискиот композитор Малколм Фокс и на германскиот автор Георг Нелдеке.

Овој 19-член состав, со завидна биографија зад себе во која акцентот е ставен, пред се', на изведбите на дела од современи автори, на овој фестивал доаѓа по втор пат. Не беше всушност случаен изборот на организаторот, Сојузот на музичките уметници на Македонија, овој оркестар повторно да гостува во Скопје, зашто за првиот концерт што го одржа во 2007 година, СОКОМ завчера му ја врачи наградата „Георги Божиков“, награда за најдобра изведба на македонско дело.

„Се извинувам што не зборувам македонски, и покрај тоа што ја сакам македонската музика“, рече маестро Штруб примајќи ја наградата. Ова диригентско име, инаку, не е непознато за македонската музичка јавност. Од 2000 до 2003 година Штруб беше главен гостин-диригент на Македонската филхармонија, а во 2005 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го награди за неговите посебни заслуги за Македонија.

И навистина, љубовта на Штруб за изведба на македонска современа музика можеше да се насети и овој пат. Делата на Коларовски и Трендафиловски звучеа јасно, прецизно и многу поубедливо од другите две содржани во програмата. Композицијата на Малклом Фокс, на пример, насловена „Патиштата на древните соништа“ (1990), на изненадување на присутните беше изведена мошне несигурно. Ова дело на познатиот австралиски композитор, кое премиерно прозвуче на македонската сцена, е посветено на Абориџините и ја раскажува нивната потрага по своите предци. Затоа и се обидува да го долови традиционалниот звук - виолите го имитираат инструментот на Абориџините, диџириду. Интересна композиција, со изразена пентатоника и под влијание на американската музика од почетокот на минатиот век, но изведена со многу фалш моменти. Делото на Георг Нелдеке, пак, инаку контрабасистот на оркестарот, под наслов „4 пиеси за гудачки оркестар“, кое игра со боите на гудачите и се движи од тоналност кон атоналност и обратно, беше изведено коректно технички, откако „Арката Штутгарт“ успеаја да се наштимаат. Концентрацијата на оркестарот и диригентот, всушност, во два наврата беше прекината од безобразното ѕвонење на мобилните телефони.

Сепак, како што кажавме, очигледна беше и овој пат желбата на Штруб, и секако на оркестарот, да го искусат предизвикот наречен македонски современ звук, звук кој доаѓа од, за нив, поинакво поднебје и во културна и во социолошка смисла. Во композицијата „1.3“ за гудачки оркестар на Гоце Коларовски, се чувствува препознатливиот печат на прерано починатиот македонски автор и е една од неговите највпечатливи. И тука поентата е сонорноста и минималистичкиот принцип на компонирање. „1.3“ (2001) е бавна, меланхолична тема која кулминира во една кластерска структура што вознемирува. „Пулс“ за гудачи, пак, на Михајло Трендафиловски, кое ја доживеа премиерната изведба, е интересна композиција која експериментира со својот внатрешен, звучен пулс, но во истовреме го опипува и пулсот на публиката, што е особено изразено преку наглите динамички промени. Но, оваа ефективна, поинтилистичка композиција, еднакво внимание и' посветува и на тишината, обидувајќи се да докаже дека таа, тишината, сепак не е апсолутна, туку е ’озвучена’ со надворешните звуци, оние кои доаѓат од просторот, како што е пулсот на публиката, на пример.


Статијата е прочитана 354 пати.

Испрати коментар

Од: muzichar
Датум: 30.03.2009 10:11:27
Pocnuvaat da stanuvaat zreli vashite recenzii. Samo napred.

Најди! во Утрински
Култура
Ја пуштив публиката да влезе во мојот двор
Иван Блажев отвори фотопрозорец кон „Стив“
„Госпоѓа министерка“ како музичка вртелешка
Почина филмскиот критичар Ранко Мунитиќ