„Дома“ е приказна за способноста на човечкиот дух за приспособување и истрајност
Фотографот Иван Блажев со своето изострено чувство за „откривање“ на видливите нешта од стварноста, на почитувачите на добрата фотографија им понуди свој поглед на животот што многумина, од ноември 2007, до април 2008 година, го поминале во Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Во текот на месецов, презентирани на изложбата „Дома“ во Кинотеката на Македонија и објавени во истоимената книга, црно - белите фотографии, заедно со кратките приказни на фотографираните, отворија прозорец кон, со децении наназад, познатата приказна за лошите услови за живеење во „Стив“ што за среќа, годинава почнаа полека да се менуваат. Фотографиите се исклучително сведоштво, не само за условите во домот, туку и за неповторливиот амбиент создаван од младите станари.
„Дома“ е приказна за сите нив. Приказна што се обидува да навлезе под површината . Приказна за способноста на човечкиот дух за приспособување и истрајност . Приказна за желбата и обидот позитивно да се влијае на средината во која живееме. „Дома“ е приказна за домувањето и потребата од создавање на место што ќе можеме да го нарекуваме дом. Оттука произлегуваат и бројните прашања, кои го преиспитуваат моето претходно разбирање на поимот Дома. Може ли студентски дом, транзитно место „Стив“ да стане Дома за студентите што живеат во него? Што е потребно за еден простор да стане Дома? Може ли Дома да биде место што го споделуваме со луѓе што не се нашите најблиски, каде сме постојано изложени на нечиј поглед , истовремено упатувајќи го нашиот поглед постојано некаде, некому?... “ се прашува Блажев, кој фотографиите ги нарекува и „сведоци и опомена за заедничката (не)одговорност и (не)солидарност“.
„Дома“ е дел од проектот „Поинаков поглед“ на Македонскиот центар за фотографија, финансиран од Швајцарската програма за култура - Западен Балкан. Следниот месец во „Мала станица“, ќе бидат промовирани уште два документарни проекта кои содржат книга и изложба: на 4 април „Заеднички светилишта“ на фотографот Роберт Јанкуловс��и и етнологот Елизабета Конеска и на 14 април, „Живот во кутија“ на фотографот Драги Неделчевски. (К.Б.)