Број 2949  понеделник, 30 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Ја пуштив публиката да влезе во мојот двор

Дизајнерот Ладислав Цветковски преку своите „Пиксказни“ критикува, коментира и кажува


Катерина Богоева

„Чет“, „Далечински управувач“, „Глобализација во сино“, „Круг“, се дел од насловите на дигиталните отпечатоци на платно, што во големи димензии, закачени со штипки, графичкиот дизјанер Ладислав Цветковски ги изложи во Музејот на град Скопје. Делата ја чинат изложбата „Пиксказни“, се восприемаат како заграден творечки простор, но и како отворено поле за трагање по знаците преку кои светот денеска се препознава и поврзува. Световите од компјутерот на авторот, овој пат излегоа во поголеми димензии.

„Постојат повеќе причини зошто овој проект е различен од претходните мои изложби. Имав потреба, на некаков начин да го поставам фокусот при перцепирањето на делата како на творби во кои е запишана приказна. Го создадов зборот пиксказни (пикселизирани сказни), со кој ги обединив делата во една целина. Оваа целина е збирка од урбани, секојдневни, лични, наши, глобални приказни, сказни. Таа е сместена во метафора на мојот и нашиот скопски двор. Именката пиксказна, не е само обично технолошко- создателско објаснување на моите дела. Таа го лоцира суштинското место на дигиталната технологија, во нашето секојдневно комуницирање и емотивно битисување на сите нивоа, во односот кон другиот, кон спротивниот, различниот или сличниот на нас. Наспроти тоа, дворот е нашата проекција за урбана реалност. Кај нас, сеуште е присутно изнесувањето и изложувањето во јавност на интимата, која се суши и ветрее пружена по дворовите и балконите, надополнета со девастираната, проектирана, виртуелна реалност на рекламните мега-плохи „шлакнати“ на фасадите. Тој визуелен компот, е тоа што ја чини нашата бучна, визуелна, балканска, урбана суреалност.

Во поставката на изложбата внесов минимално количество концепт, за да ја поканам публиката да влезе во мојот двор, во кој со штипки на жица се закачени делата. Влегувајќи во него, луѓето влегуваат во збирката пиксказни. Сметам дека со оваа поставка, овозможив делата да прокомуницираат со публиката на уште подиректен начин, нудејќи и една лична збирка, од визуелно кажани лични ставови, различни од секојдневната урбана визура. Слободното поставување на делата, воедно овозможува два главни нивоа на среќавање со пиксказните, преку визуелна перцепција и со тактилна перцепција. Можноста да се допре памучното платно, ја буди сознајноста за допирот и близината, изгубени во современото живеење и потрагата по нив, со помош на дигиталното комуницирање. Немам намера да ја заробам и насочам публиката.

Ние и онака сме премногу далечински управувани и секојдневно насочувани социјални суштества. Целта ми е да оставам доволно простор, за мојата изразна знаковност и боја да постават некакви универзално, препознатливи репери за впишаната тема. На тој начин, на делата им давам плуралност на избор. Тие можат да бидат доживеани тематски исто, но со сиже дури и различно од моето. Сиже кое ќе зависи од личното искуство и од сознанието за темата на оној што ги гледа“

Силуетата на раката препознатлива за творештвото на Цветковски повторно е присутна, но и доминантна во просторот низ шестте, ефектно поставени сцени. За неа, говори како за нишка со која се врзува со глобалното и сопственото творечко минато.

„Таа е константа која воедно зборува колку малку човекот се променил за време на својата еволуција. Тука мислам на есенцијалните потреби и желби, распнати меѓу потрагата за близината со, на себе слични и желбата да се остави вечна трага за постоење. Синтетичноста на технологијата јас ја рушам со создавање на асоцијативни текстури и со нагласено несовршено цртање со глушецот. На тој начин, потсетувам дека верувам во убавината на несовршеноста на трагата што секој од нас се обидува да ја остави зад себе. Дланката е првата и основната алатка. Кај мене, таа има значење на лична именка и его-сенка. Со неа, некаде визуелно пишувам во прво лице, некаде сум дел од општата состојба, некаде зборувам за циклични пиксказни кои секому му се случуваат. Последователната- сценска-мултиплкација на мултиоригиналот, кај мене има функција на затворање на писказната каде што почетокот и крајот, се поклопуваат во сличноста на физичката состојба. Но, тоа не е случај со позицијата од која се излегува од пиксказната. Ваквиот заклучок го темелам врз фактот, дека сижето на преживеаното нас не’ менува и ние на таа состојба имаме само одредено влијание. Колку и да ни изгледа излезната состојба слична на почетната, таа никогаш не е истата. Секогаш остануваат траги, кои како и во графиката се врежуваат во „јас“ матрицата, „јас“ клишето, и доколку со таа матрица дејствуваме на одреден начин, ќе остравиме лична трага, дадена на другите да ја прочитаат. Потребата за простор е причината поради која излегов од конвенционалниот графички лист и поставив последователни листови - платна кои се и целина и дел од друга целина...“

Запрашан колку успева дигиталната технологија да го соочи со сопствените творечки можности и ограничувања, авторот одговори:

„Во овој миг се чувствувам доста комотно создавајќи во овој медиум. Тој ми овозможи да не престанам да се бавам со она што сакам. Но, секако дека би звучело нескромно доколку не кажам дека се судрувам со технолошки проблеми и ограничувања кои се нешто што е вообичаено за технологија која постојано се развива. Тоа на некаков начин е и мотив за самодоедуцирање во проучување на можностите на изразување, се со цел трагање кон слободата на изразувањето. И од друга страна, ми ја дава дистанцата и можноста на константно преиспитување во изразна и творечка смисла“.

Како графички дизајнер и универзитетски професор во Скопје, вели дека се обидува да им го даде на другите сознанието за употребната вредност на дигиталната технологија, со особен акцент дека во доменот на графиката се работи за паралелен медиум кој не треба да се користи како имитација на традиционалното графичко изразување.

„Мојот став кон дигиталната технологија е доста јасен: таа е дел од нашата социјална и општествена стварност. Станува во голема мера дел од нас самите, и ние дури и да се трудиме, неможеме да ја одбегнеме. Но, никако таа не е негација на се’ она од што произлегла, а тоа е традиционалото искуство на директно механичко и аналогно човечко дејствување.

Целта на творењето не е репродукција на еден медиум во друг, туку место, каде што можете да најдете различни изразни можности. Целта ми е помладите колеги да ги информирам и тие преку запознавање со медиумот, на крајот самостојно да решат, дали ќе го сметаат за најпогоден за создавање на нивните дела. Дигиталната технологија е преполна со недостатоци за кои треба да бидеме свесни.Таа самата неможе да ни ги раскаже нашите сказни. И добро е дека е така, бидејќи предвидливото е здодевно.

Моите пиксказни се дел од мојот живот, тие се одраз на мојата моментална состојба преку нив критикувам, коментирам и кажувам. На крајот тие ќе сведочат колку сум во право и колку грешам“.


Статијата е прочитана 480 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Иван Блажев отвори фотопрозорец кон „Стив“
Игра на звукот и тишината
„Госпоѓа министерка“ како музичка вртелешка
Почина филмскиот критичар Ранко Мунитиќ