Откупната цена на млекото ќе се дефинира според квалитетот
Литар сурово млеко со најслаб квалитет нема да биде поевтин од 19 денари, а најдоброто млеко ќе се плаќа по 29 денари
Битола - Цената на литар сурово млеко при откуп ќе се дефинира зависно од неговиот квалитет и ќе се движи од 19 до 29 денари за литар, а исплатата на откупеното млеко ќе се врши во рок од 30 дена. Ова е договорот што го постигнаа македонските фармери и млекарниците со посредство на Владата, а со цел да се надмине млечната криза што и' се заканува на државава. По најавите од сточарите дека поради падот на цената на суровото млеко за дури десет денари за литар ќе стапат во генерален штрајк и нема да предадат ниту капка млеко во млекарниците, на состанокот меѓу засегнатите страни во откупот и со владини претставници во Битола беше договорено цената на литар сурово млеко да не биде пониска од 19 денари, а за најдоброто млеко да се плаќа 29 денари за.
,,Процената на квалитетот на млекото ќе се врши според Правилникот за квалитет на млекото донесен од државата. Производители кои нема да бидат задоволни од процената на млекарниците ќе може да прават дополнителни анализи во овластените лаборатории. Со ова ќе се намали можноста за манипулација при одредување на цената“, изјави министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски.
Втората сугестија на Владата што ја прифатија млечните индустрии е да се регулира рокот за плаќање на откупеното млеко. Исплатата да биде во рок од триесет дена и најдоцна до 15 следниот месец млекарниците да им го доисплатат млекото на производителите. Оние, пак, индустрии кои неколку месеци не ги намириле долговите спрема фармерите ветиле дека тоа ќе го сторат до крајот на овој месец.
Владата најави и преиспитување на прашањето која категорија земјоделци ќе треба да плаќа персонален данок. Отстапките би биле посебно во интерес на ситните фармери.
,,На фармерите кои поседуваат потврда од УЈП дека се регистрирани за плаќање данок според катастарскиот приход, нема да им се задржува пресонален данок на доход до крајот на годината“, најави министерот за финансии, Трајко Славески.
Тој не сакаше да објасни како ќе се надмине проблемот со кооперантите на кои ретроградно им се бара да платат персонален данок за последните две години.
Постигнатите ставови се прифатливи за фармерите. Од ФФМ признаваат дека и сточарите треба да направат отстапки за да се најде средна цена по која ќе се плаќа суровото млеко, од што ќе бидат задоволни и млекарниците. Но, сепак, категорични се дека нема да прифатат цена под 20 денари за литар сурово млеко.
,,Рековме дека еден ден нема да го предаваме млекото во млекарниците во знак на протест за цените. Оставивме простор за корекција зашто цената кај некои млекарници падна дури и на 15 денари за литар, што е надвор од разумот. Допрва ќе се договараме за следните постапки со сточарите“, рече претседателот на ФФМ, Ѓоко Данаилов, по завршување на состанокот.
И Сојузот на земјоделци на Македонија е задоволен од постигнатиот договор за корекција на откупната цена на млекото, особено од најавите на Владата за промените околу плаќањето на персоналниот данок.
,,Ние навистина ќе бидеме благодарни ако се сменат овие односи во корист на земјоделците. Зашто во Европа не постои земја каде што за 100 денари од секој продаден производ , 65 денари да се печалба за земјоделецот, а 35 денари за државата. Ако беше така, оваа Влада немаше да наследи во 2006 година 200 илјади хектари напуштени ораници, што е една третина од македонските ниви“, смета Вељо Тантаров, претседател на Сојузот. Револтот на фармерите и најавите за нова млечна криза кулминираа последните недели откако дел од млечните индустрии во државата ја симнаа цената за литар сурово млеко на 15 денари. (А.Б.) |