Продажбата на „логан“ го изненади и „Рено“
Профитот на компанијата е двојно поголем од дострелот на „Рено“
Како што се забрзува, речникот на европските критичари не успева да го следи темпото на глобализацијата. Пребарајте го Интернет за „логан“, евтин автомобил произведен во Романија, кој е неоечкуван успех за „Рено“, и зборот „дислокација“ многу често се појавува. Но, на грозниот збор му недостасува интересна поента. Навистина, продажбата на „логан“ во Франција минатата година се зголеми на 75 отсто, и покрај неговата форма на кутија и минималниот буџет за маркетинг. Но, „Рено“ никогаш не планираше да го произведува или продава „логанот“ таму. Ниту, пак, тоа е стар модел на некој западен автомобил, на кој му се дава втора шанса на Исток. За Французите тој никогаш не бил локален.
Идејата на „Рено“ беше да произведе моќен автомобил со неколку новитети и да го продаде на пазарите во подем, како што се Источна Европа, Турција и Северна Африка. „Логан“ беше дизајниран да ги исполни нормите на ЕУ, бидејќи некои од целните пазари беа пред влез во Унијата, меѓутоа, да се продава по многу пониска цена отколку стандардните модели. Евтината работна сила беше дел од планот. Производството на автомобилот „не би имало смисла да исплаќа француски или шпански плати“, вели шефот на „Рено“, Жерар Детурбе. Меѓутоа, поголем фактор беше блискоста до потрошувачите: автомобилите се скапи ако треба да се испорачуваат на големи далечини.
Производството почна во 2004 година во Романија, каде што „Рено“ го купи локалниот производител на автомобили „Дачија“. Ниските плати на Романците беа само „јагода на шлагот“, вели Детурбе, кој го предводи проектот „Логан“. И тоа е доволно добро, бидејќи платите во Романија што ги исплаќа оваа компанија оттогаш бележат пораст. Минатата година, тие беа зголемени за 20 отсто и во просек изнесуваа 450 евра месечно. Тринеделниот штрајк во „Дачија“ заврши во април со исплата на 28 проценти повисоки плати.
Неколку месеци по лансирањето на „логан“ на пазарот, „Рено“ дозна за неовластени увози во Франција од Романија, предизвикани од големото медиумско интересирање за овој автомобил, па затоа побрза да организира дистрибуција во Западна Европа, почнувајќи од Франција. Минатата година, речиси 80.000 автомобили „логан“ беа продадени во Западна Европа.
Детурбе се сеќава на времињата кога западните компании за производство на автомобили не зборуваа многу за нивните фабрики во поранешниот комунистички Исток. Тоа се промени откако западните клиенти станаа помалку заинтересирани за тоа кој го произвел нивниот автомобил, а многу повеќе загрижени за брендот и гаранциите што ги дава произведувачот. Брендот „Логан“ е многу потешко да се потврди. Во ЕУ и Северна Африка автомобилот се претставува како „Дачија“, но се продава од страна на дилери на „Рено“. Повеќето француски купувачи знаат дека тој се произведува во Романија (оттука и цената од 7.600 евра за основен модел), меѓутоа, „тие навистина не мислат дека тоа е „Дачија“, вели Детурбе: тие мислат тоа е „логан“, што значи „Рено“.
Во Франција главната конкуренција на „логан“ се половните автомобили. Негови купувачи се од луѓе без многу пари до побогати купувачи кои не сакаат да трошат огромни суми од нивните приходи за автомобил. Во Романија името „Дачија“ има позитивен углед и автомобилот не се смета за евтин. Во остатокот од Источна Европа луѓето се сеќаваат на брендот од времето на комунизмот, меѓутоа, со страв, па „Рено“ ќе треба да ги убеди купувачите дека овој автомобил е поинаков. Коефициентот на профитот на компанијата во однос на „логан“ е над шест проценти, двојно поголем од дострелот на „Рено“. Производството сега се прошири на Русија, Мароко, Колумбија и Бразил, како и со заеднички потфати во Индија и Иран.
Со конвергирање на трошоците на работна сила низ нова и стара Европа, дали „логан“ и понатаму ќе остане европски автомобил? Секако, се' повеќе и повеќе добавувачи ќе ја напуштаат ЕУ. Во иднина ќе има се' повеќе роботи, а се' помалку работници во источноевропските фабрики за производство на автомобили. Меѓутоа, со оглед на трошоците за достава на автомобилите до купувачите, производството во ЕУ нема да исчезне.
Во целиот разговор за „дислокација“, можеби „логан“ е карактеристично европски на начин што враќа во првите години на поствоеното возење со автомобили. Евтин, со симпатичен изглед кој лесно ги совладува калдрмите и дупките: што би можело да биде пофранцуско од ова? (Економист) |