Бербата на грозјето ќе почне, цена се' уште нема
Неколку дена пред бербата на винското грозје во тиквешкиот лозаро-винарски регион станува се' понеизвесно дали лозарите ќе го празнуваат гроздоберот или ќе протестираат. Причината за тоа лежи во неизвесноста за тоа по која цена ќе се откупува годинешниот род.
Винарските визби „Тиквеш“, „Џумајлија“, „Вино Жупа“ и „Повардарие“ одржаа работен состанок во Неготино, но иако лозарите се надеваа дека на него еднострано ќе се објави откупната цена на винското грозје, сепак, тоа не се случи. По состанокот, претставниците на винарските визби изјавија дека средбата повеќе била неврзана и на неа се разговарало за актуелните состојби во винската индустрија, заеднички настап на странскиот пазар на сите домашни визби, бидејќи во земјава се произведувало квалитетно вино, а станало збор и за тежнеењето на визбите да извезуваат поголеми количества амбалажирано вино на светскиот пазар.
Винарите се согласни дека лозарите се во тешка ситуација и дека треба да им се помогне, па така тие размислувале да ги помогнат на своите кооперанти со поделба на заштитни средства и ѓубрива по поволни услови, а за возврат лозарите да го предадат грозјето во нивните капацитети. Разговорите околу откупната цена на грозјето биле статус кво, поради отсуството на министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски.
Претставникот на лозарите, Љупчо Аризанов, не ја исклучи можноста од масовни протести доколку не се прифатат нивните барања за повисоки откупи цени. Тој потенцира дека не смее ниту една сорта грозје годинава да се откупува поевтино од 14,87 денари за килограм, бидејќи толку ги чинело лозарите да го произведат. Лозарите се сомневаат дека визбите прават опструкции околу договарањето на годинашната откупна цена на грозјето и прашуваат зошто се' уште визбите не излегуваат со свои калкулации за чинењето на килограм винско грозје. (А.Д.)
|