Убиство поради неплатена кирија
Потстанарот Хаки Ш. (22) од Ѓермо со двајца соселани го убиле газдата на станот Исмет Јаја (57)
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Неплатена кирија за најмен стан била причина за ладнокрвно убиство во Тетово. Педесет и седумгодишниот Исмет Јаја од Тетово бил застрелан со неколку истрели од автоматска пушка. Неговото тело било пронајдено во атарот на шарпланинското село Ѓермо. Според МВР, осомничени за злосторството се 22-годишниот Хаки Ш. од Ѓермо, кој живеел под кирија во станот на Јаја во Тетово, како и уште двајца соселани на Хаки, кои се во бегство.
Приказната, што заврши со убиство, почнала пред речиси една година кога Хаки Ш. го најмил станот на Јаја во станбениот блок 82 во Тетово. Во понеделникот попладне Хаки му се јавил на Јаја, кој живеел на другиот крај од Тетово, и му рекол да се најдат кај музичкото училиште за да му ги даде парите што му ги должел за кирија. Откако се нашле, Хаки му предложил на газдата да заминат во Ѓермо од каде што потекнувал потстанарот за да ги земе парите. Но, во месноста Јонузови ливади биле пресретнати од А.М. (23) и од И.Ј. (19) од Ѓермо, кои веќе се договориле со Хаки, велат од полицијата. Под закана од пиштол го изнеле Јаја од возилото, го однеле во блиската шума и го ликвидирале. Потоа го скриле лешот и се разделиле.
Во семејството Јаја долго го чекале. Кога виделе дека го нема, ниту, пак, се јавува на мобилен телефон, неговиот 19-годишен син во пет часот наутро отишол да го бара во станот што под кирија му го дал на Хаки.
„Силно ѕвонел, но никој не му отворал. Потоа, отишол во полицијата и пријавил дека татко му е исчезнат“, велат блиските на семејството Јаја. По кусо време до станот со синот на Исмет дошла и полицијата.
„Хаки им ја отвори вратата. Бил во пижами. Прашувал што е работата. Тврдел дека со Исмет се разделиле во 20 часот, откако му дал 1.700 евра. Тој понуди помош за да се најде Исмет“, раскажуваат ожалостените роднини на Исмет Јаја.
Во вторникот, околу 16 часот, полицијата го пронашла мртвото тело на Јаја. Клопчето почнало да се одмотува. Биле пронајдени десетина чаури од автоматско оружје калибар 7,62 мм, како и неколку чаури од пиштолска муниција, траги од крв и мобилниот телефон на убиениот. Откако полицијата дошла до докази дека Хаки учествувал во убиството, го привеле, по што тој, наводно, го признал злосторството. Според блиските на Јаја, причина за убиството биле три неплатени кирии. Исмет Јаја бил татко на две ќерки и на еден син. |