Петмина приведени за киднапирањето на синот на бизнисменот Фатмир Етеми
Со кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство, а малку подоцна и со барање за поведување кривична истрага, вчера во Основниот суд Скопје 1 беа спроведени петмина осомничени дека го киднапирале синот на Фатмир Етеми од Нова демократија.
Пријавата на МВР се однесува на Мани Африм (31), Орхан Амети (20), Адил Бекировски (19), Сулејман Африм (19) и Абудулкадар Сали (30) од Скопје, кои го организирале и го извршиле грабнувањето на деветгодишното дете.
Киднапирањето се случи во понеделникот на улицата „Крсте Асенов“ во Чаир. Деветгодишниот А.Е. бил пресретнат од непознати лица, додека се возел на велосипед со неговите другарчиња. Бекировски и Сали, кои дошле со автомобил „фијат браво“ со затемнети стакла, насилно го внеле детето во возилото по што побегнале.
Полицијата како организатор на грабнувањето го наведува Мани Африм, кој договорил детето да биде однесено во напуштена куќа на булеварот „Македонска-косовска бригада“. Таму тие биле пречекани од Мани Африм, а тој им наредил на двајцата грабнувачи да го чуваат детето. Потоа Африм заминал на Косово, од каде што му се јавил на таткото на детето, барајќи му пари за откуп. Но, откако киднаперот дознал дека полицијата им е на трага, наредил да се ослободи детето, кое потоа го пронашол случаен минувач. (Љ.С.) |