Флеш-вести
Мицов запрен на главниот турнир во Анталија
Успешниот поход на македонската тениска надеж, 18-годишниот Стефан Мицов, низ квалификациите за фјучерсот во турскиот град Анталија, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 10.000 долари, заврши на стартот од главниот турнир. Мицов, кој со поенот освоен во Кувајт минатиот месец го дели 1508. место на АТП-листата, во првото коло загуби со 6-3, 6-1 од квалификантот Лајам Броуди (1285.) од Велика Британија. Единствениот учесник од Македонија беше 16. носител во квалификациите, во кои ги совлада Лукас Вајнхандл од Австрија со 6-3, 6-1, потоа Кевин Фарин од Белгија со 6-2, 6-2 и Чан Алтинер од Турција со 6-4, 6-2. Мицов настапи и во двојки заедно со Русинот Михаил Балмашев, но на стартот беа поразени од Австралијците Скот Брауни и Кајл Стоукер со 6-4, 1-6, 10-6
Куп на Македонија
Вардар и Металург го потврдуваат полуфиналето
Денеска, со почеток во 13 часот, ќе се одиграат возвратните средби од четврт-финалето на Купот на Македонија. Според првите резултати, речиси сигурно е дека во полуфиналето ќе се пласираат Вардар и Металург, со оглед убедливи победи во првите средби, кога црвено-црните во Скопје го победија Тиквеш со 4:1, а тимот од Автокоманда славеше на гостувањето кај Локомотива со 3:0.
Можеби ќе биде неизвесно во Кичево, каде што ќе се сретнат Напредок и Брегалница (1:0), и во Тетово, каде што Тетекс ќе го пречека Хоризонт (2:1).
Според пропозициите, во случај резултатите да бидат идентични со тие од првите мечеви, не се игра продолжение, туку веднаш се изведуваат пенали. (М.М.)
Кошарка
Фени индустри против Муреш во БИБЛ
Фени индустри денеска (18 часот) во својата сала „Јасмин“ во Кавадарци го игра третиот меч од Балканската лига против романскиот Муреш.
Како што е познато, македонскиот шампион има половичен успех по првите две кола. Загуби на свој терен од Морнар со 100:106, а победи во гости кај Рилски спортист со 86:76.
Муреш, пак, на свој терен загуби од Рилски спортист со 89:90. Во стартната петорка на Муреш на тој натпревар беа двајцата Американци, Форте (196 см) и Колиј (175 см), потоа Србинот Младеновиќ, Литванецот Сиратавичиус и единствениот Романец Думитру.
Најдобро одигра 207 см високиот Младеновиќ, кој реализираше 31 кош, а Американците постигнаа по 14 коша. Од клупата влезе и третиот Американец Мајфилд, кој постигна три коша.
Иако станува збор за сериозен тим, тренерот Емил Рајковиќ верува во уште една победа што би претставувала само продолжение на добрите игри во домашниот шампионат каде што кавадарчани се' уште немаат пораз. |