Соседството вреска, ама никако да победи
Манчестер Сити, кој ги загуби последните четири меча од комшијата Јунајтед, повторно ветува триумф
Откако влегоа арапските газди Сити во континуитет троши огромни пари. Но, тие не носат успех. Сезонава објективно е поветувачка. Сити е трет со три бода заостанување во однос на градскиот ривал Манчестер јунајтед, а пет во однос на Челзи. Вечерва на „Истленд“ токму против комшијата ќе треба да докаже дали е способен да се бори за титулата. Како и секогаш, што би рекол, Патрис Евра, од соседството се слуша голема врева, но така е до почетокот на мечот. Кога ќе почне на грлото не му треба препечен шеќер. Се' е тивко. Така беше барем во последните четири дербија што ги доби Манчестер јунајтед.
„Секогаш ја слушаме истата песна од нивниот стадион. И никако да не' победат. Нас не не' интересира само победа над Сити. Не' интересира победа над сите и што е најважно да ја освоиме Лигата. Ако победиме сега ќе биде супер. Но, нема да биде ништо специјално. Сепак, бидете сигурни нема да го загубиме дербито“, вели 23-годишниот Евра.
Менаџерот Алекс Фергусон никако да престане да го провоцира Сити нарекувајќи го загубен трошаџија. „Сите знаеме колку пари дадоа. Купија пет шест играчи ова лето за кои потрошија над 130 милиони фунти и ќе продолжат тоа да го права се' додека не освојат нешто. Но, зошто да го чекаш утрешниот ден, ако можеш нешто да направиш денеска. Сигурен сум дека така размислуваат“, вели Фергусон, кој во февруари треба да го добие норвешкиот вундеркинд – 15-годишниот Мец Милс, кој игра во средниот ред.
На Фергусон, сигурно, вечерва ќе му недостасува Руни, кој пред неколку дена беше испратен во Портланд (кај гигантот „Најк“), на кондициски тренинзи. Но, во тренажен процес се вратија повредените Бербатов, Гигс и Нани. Кој ќе биде подготвен нема да се знае до последен момент.
Од друга страна, Роберто Манчини ќе го нема Марио Балотели, кој заработи црвен картон на мечот со Вест Бромвич. Тоа го радува Фергусон (особено што го нема Руни како контрабаланс), но Давид Силва, кој го игра своето прво градско дерби во некој друг гледа одлучувачки фактор. Шпанецот смета дека Карлос Тевез ќе ја направи разликата.
„Тевез е светска класа фудбалер и тој е нашиот клуч. Ова дерби ќе биде тежок тест за него, но сега тој сто отсто закрепна од повредата. Победата над Вест Бромвич во саботата беше многу важна за нас. Дербито е специјален ден и сакаме да им покажеме на нашите фанови една нова слика по поразот од Арсенал од 0:3. Ова е повеќе од натпревар. Нема чист фаворит, но предноста на домашен терен е важна“, потенцира Силва.
Ако се знае каков ривалитет постои меѓу двата клуба чуден е податокот дека дури 20 фудбалера играле и за двата клуба. Меѓу нив и Денис Лоу, Енди Кол, Питер Шмајхел, Питер Брдсли. Вечерва таков е Тевез.
Меѓусебниот скор вели дека Јунајтед има 65 победи, а Сити 42, додека 49 меча завршиле нерешено. Само во Премиерлигата „бебињата“ имаат 57 победи, а Сити 37, додека 48 меча завршиле нерешено.
Вечерва уште играат: Астон Вила - Блекпул, Челзи - Фулам, Њукасл - Блекбурн, Вест Хем - Вест Бромвич, Виган - Ливерпул, Евертон - Болтон, Вулверхемптон - Арсенал. (Н.К.) |