Петта победа во низа на Орландо над Атланта
Ол-стар центарот Двајт Хауард постигна 27 коша и го предводеше тимот на Орландо до победа над Атланта со 93:89. Лани во плеј-офот „магичните“ надмоќно ги елиминираа „јастребите“ со 4:0, со просечна разлика од 25,3 поени, но овој пат мораа добро да се испотат за нов триумф во првиот нивни меѓусебен дуел сезонава.
Џејсон Вилијамс, кој влезе во игра во завршни 4,15 минути, погоди тројка, додека Рашар Луис неполна минута подоцна реализира за водство на Орландо со 86:82 и практично ја обезбеди четвртата едноподруго победа за својата екипа.
Џое Џонсон со 23 коша беше лидер во составот на Атланта, за кој ова е втор пораз во серија (претходно изгуби од Феникс) по импресивниот старт во сезоната кога „јастребите“ забележаа шест победи во исто толку натпревари. Се чинеше дека Атланта брзо ќе закрепне, откако во првата четвртина поведе со 13 поени, но Орландо се возврати со низа од 19:2 во вториот период од мечот и на крајот, сепак, успеа да слави нова победа.
Резултати: Орландо - Атланта 93:89, Торонто - Голден Стејт 102:109, Шарлот - Сан Антонио 91:95, Чикаго - Денвер 94:92, Мемфис - Феникс 109:99, Далас - Бостон 89:87.
Ален АЈверсон пристигна во Истанбул
Американската кошаркарска ѕвезда, Ален Ајверсон, конечно, пристигна во Турција каде што ќе ги брани боите на Бешикташ, чии навивачи му приредија величествен дочек на аеродромот „Кемал Ататурк“.
Четирикратниот најдобар стрелец во НБА-лигата потпиша двегодишен договор со Бешикташ што ќе му донесе четири милиони долари.
„Извонредни се. Најважно е да бидам прифатен, да почувствувам дека ме сакаат и ме ценат“, изјави Ајверсон кусо по пристигнувањето во Истанбул и додаде:
„Ветувам дека ќе пружам нешто што досега не го виделе. Ова е шанса да ја вратам мојата кариера на посакуваниот колосек“.
Дебитантскиот настап на Американецот за Бешикташ се очекува на 13 ноември против Окај Рено во меч од турското првенство. Вчера беше организирана посебна свеченост за добредојде на поранешниот член на Филаделфија, Денвер, Детроит и Мемфис, кој во 2001 година беше прогласен за најкорисен кошаркар во НБА-лигата.
„Пред да се вратам во САД ќе знам доволно турски“, заклучи Ајверсон. |