Ферари очекува трка до последниот метар
Доменикали му дава предност на Ред бул во Абу Даби, бидејќи и двајцата возачи се во лов на Алонсо
Тимскиот шеф на Ферари, Стефано Доменикали, верува дека битката за титулата светски првак во Формула 1 би можела да потрае до последниот метар. Фернандо Алонсо се' уште е најблиску до својата трета титула во пресрет на финалето на сезоната в недела во Абу Даби, но се соочува со двојна закана од дуото на Ред бул, Марк Вебер и Себастијан Фетел. Алонсо во моментов има осум поени повеќе од Вебер и 15 во однос на Фетел, па, иако се вртат различни варијанти за тоа како да остане прв на крајот, задачата на Шпанецот е едноставна - да победи или да заврши втор и тој ќе биде шампион.
„Рековме дека прашањето за освојувачот на возачката титула ќе биде решено во последната трка, на која патуваме со Фернандо Алонсо на чело во вкупниот поредок“, вели Доменикали. „Пред нас е клучна седмица. Знаеме што треба да сториме и ќе подготвиме се', со максимално внимание на секој детаљ. Секој од нас знае дека треба да дадеме сто проценти во нашите специфични задолженија, можеби и малку повеќе. Извонредно е тоа што одиме во Абу Даби за да се бориме за титулата со Ред бул и нема потреба од многу тешка калкулација. Знаеме дека би било убаво ако се најдеме меѓу двата болида на Ред бул. Треба да се осигураме дека ќе бидеме брзи и да имаме совршени квалификации, што е многу важно, фундаментално. Потоа, во трката треба да почекаме до последниот метар, бидејќи сигурноста е голема работа и сите ќе се грижат не само за моторите, туку и за се' друго“.
Дополнителна грижа за Доменикали е тоа што и двајцата возачи на Ред бул се' уште се во трка за титулата, а посебно можноста да работат во тандем против Алонсо. Постои можност Фетел, ако не може да ја освои титулата, да му асистира на Вебер, опција што ја наведе и младиот Германец по својата победа во трката за Големата награда на Бразил во неделата.
„Проблем е што има два ’ред була‘, не еден. Тие се во подобра позиција, но ние знаеме дека треба да погледнеме внатре, не треба да гледаме што прават другите. Едноставно, неопходно е да бидеме најбрзи во квалификациите, да бидеме најдобри во трката, да бидеме најбрзи воопшто“, смета тимскиот шеф на Ферари. „Се разбира дека ќе настојуваме да победиме, бидејќи, ако успееме во тоа, тогаш ќе биде лесно и нема да има потреба од калкулации. Знаеме дека Ред бул е многу силен и ја заслужи конструкторската титула. Кој и да ја освои возачката титула, тоа ќе биде заслужено, сигурно“. |