Сонце и фиданка - симбол за органска храна
Сонцето и фиданката се симбол на македонското органско производство на храна. Наскоро преку овластените сертификациски куќи Македонија ќе почне да издава сертификати со националната ознака за органска храна, со кои ќе се гарантира дека станува збор за целосно органски производ во кој се запазени сите критериуми за производство.
„Македонија не е само лидер во регионот, туку и пошироко во организираниот начин на органско производство на земјоделски производи. Пред неколку години ги имаше само 50-ина, а сега има веќе 320 регистрирани производители на органско производство“, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Димовски. Презентацијата на националната ознака, која е изработена врз основа на анкетата спроведена на веб-страницата на Министерството со производителите на органско производство и граѓаните, за Димовски претставува конкретно почнување на спроведувањето на Законот за органско производство на дело.
Според министерот, македонските потрошувачи во основа јадат здрава храна, иако органското производство е нешто сосема друго и е поздраво и со повисок квалитет поради што го препорачува. Тој најави дека од идната година ќе почне да функционира и агенцијата за храна и за ветеринарство, која целосно ќе ја има контролата врз храната од нива, па до трпеза. (Ек.Р.) |