Без многу врева усвоен буџетот за 2011
Собранието со 64 гласа „за“ и 22 „против“ го усвои буџетот за 2011 година. Викенд-расправата мина во значително помирна атмосфера, а дел од пратениците се откажаа од дебата. Според оцените на опозицијата, буџетот е нереформски и неразвоен, спротивен е на интересите на граѓаните. Според СДСМ, овој буџет е врв на расипништвото на оваа власт, која инвестира во проектот „Скопје 2014“ место во здравството или во инфраструктурата. Андреј Петров смета дека е опасен планираниот дефицит за идната година. „Иако изгледа дека планираниот дефицит е реален и остварлив, сепак, постои опасност по него, бидејќи се префрлуваат долговите од претходната година, а тие не се пресметани во дефицитот“, истакна Петров. Тој нагласи дека големи ризици за реализирање на планираното во буџетот се несуштинските трошења и инвестирањето во споменици што се луксуз. Тој предложи повеќе да се вложува во инфраструктурата и во здравството. Неговиот сопартиец Владо Бучковски праша какви капитални објекти е планирано да се градат в година со 375 милиони евра. Според него, место за споменици, музеи и мостови, со тие пари треба да се градат автопатишта, по примерот на соседните земји. За него е симптоматично и како ќе се трошат средствата од кредитот на ММФ во износ од 480 милиони евра. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, му одговори дека ММФ немало да и' го додели кредитот на Македонија ако не бил сигурен дека и во иднина ќе се води здрава фискална политика и добро ќе се управува со јавните пари. Тој порача дека макроекономското сценарио, врз чија основа се направени проекциите на буџетот, се очекуваното стабилизирање на екстерната побарувачка и закрепнувањето на домашната побарувачка преку балансиран и умерен раст на инвестициите. Растот на економијата за 2011 година е проектиран на 3,5 проценти. Инаку, државната каса в година ќе тежи 2,6 милијарди евра. Дефицитот е проектиран на 2,5 отсто од БДП. И следната година, најголем дел од парите ќе се трошат за плати на јавната администрација, како и за стоки и услуги. Власта не прифати ниту еден од над 500 амандмани што ги предложи опозицијата. Пратениците во рок од три дена расправаа и го усвоија буџетот, иако според новиот Деловник имаа можност да дебатираат пет дена. (С.М.) |