Број 3465  петок, 24 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Економија

БДП пораснал за 1,3 отсто, нема шанси да стигнеме до 2 отсто

Бруто домашниот производ во третиот квартал се искачи на 1,3 отсто, ама експертите велат дека тој годинава нема шанси да стигне до посакуваните, односно проектираните два отсто за 2010 година. Ако се земе кумулативно, во првите девет месеци БДП изнесува едвај околу 0,4 отсто. Тоа значи дека во четвртиот квартал треба да се случи бум за македонската економија да покаже заживување.

Според проценетите податоци од Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто домашниот производ за третото тримесечје од 2010 година изнесува 1,3 отсто. Вредноста на финалната потрошувачка на домаќинствата, во однос на истиот период од 2009 година, номинално расте за четири проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 73,9 отсто.

За истиот период, извозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 26,3 отсто. Во ова тримесечје, поголем пораст покажуваат секторите градежништво од 18,4 проценти и финансиско посредување, недвижен имот, изнајмување и деловни активности, други комунални, општи и лични, услужни активности и станарини од 3,8 отсто.

„Со податоците од третиот квартал БДП кумулативно во првите девет месеци е зголемен само за околу 0,4 отсто. Тоа покажува дека оваа година де факто Македонија ќе заврши со минорен или нултираст. Веќе е јасно дека без разлика од податоците од четвртиот квартал, кој нема да може да ја поправи вкупната слика за 2010 година, нашата економија годинава тапка во место“, вели поранешниот министер за финансии, Никола Поповски. Според него, болно е сознанието дека во година во која сите држави во светот се извлекоа од рецесијата и имаат релативно стабилен раст на економијата, македонската економија не покажа знаци на заживување. „Само да потсетиме дека ова е трета година во низа после 2008 и 2009 година во која македонската економија не напредува. Тоа е најдобар показател за нивото на економската успешност на оваа власт. Сите нејзини оправдувања и изговори се топат наспроти податоците за движењето на нашиот БДП“, додава Поповски.

Власта смета дека, сепак, има знаци на закрепнување на македонската економија, која годинава ќе заврши со одреден економски раст. „Допрва ќе се види колкав ќе биде, се надеваме дека стапката ќе биде позитивна во последниот квартал. Очекувам, дефинитивно, дека стапката на БДП годинава ќе биде меѓу еден и два процента, дали ќе биде два останува да се види. Постојат индикации дека четвртиот квартал ќе биде најсилен од сите изминати квартали, но најважно е дека растот е вратен што укажува на закрепнувањето на економијата. Дали е тоа доволно, секогаш можело да биде и подобро, важно е да се движиме во права насока“, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Според него, очекувањата за идната година се мошне повисоки од оваа и Владата е оптимист дека растот на БДП ќе се искачи до 3,5 отсто со буџетски дефицит од 2,5 отсто. (С.М.)


#
Статијата е прочитана 249 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Економија
Нема лабаво за пушењето
Пешевски со новогодишна желба за „Чебрен“ и „Галиште“
Шпаркасе - партнер на Маврово
НБМ нема да печати пари за повеќе кредити
Шест милиона евра за седум мали ХЕЦ
Истекувањето информации, закана за компаниите
Нашите текстилци на црна грчка листа
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks