Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Анализа Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Што прават денеска Фељтон
15.03.2009, 15:43

Фељтон

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (13)


Миле Марковски со синот Вени

Миле беше убиен од бугарските тајни служби

Виктор Цветаноски

Кога првпат го посети мајка ми Дока во Софија, вујко ми Венко побарал да му донесе шише вода од Вардар, грутка земја и гранче дрво. Оттогаш таа секогаш кога одеше таму, му носеше вода, земја и гранче дрво. По смртта на син му Миле, ме замоли да му однесам земја од гробот на мајка му, баба ми Љуба, раскажувала внуката на Венко Марковски, Бранислава Бојчин. Таа е убедена дека нејзиниот братучед Миле бил убиен од бугарските тајни служби, кои тврди дека му ја наместиле сообраќајката.

„Го погребаа на 14 април 1975 година, истиот ден кога беше роден. Имаше само 35 години. Страшната вест лично ни ја кажа вујко ми. Кога се јави на телефон, дома бев само јас. Тој толку многу плачеше што не можев да го разберам што ми говори. Постојано повторуваше: ’Миле загина, Миле загина, доаѓајте веднаш’. Тогаш се јавив кај Петре Прличко за да и' кажам на мајка ми, која беше на ручек кај него. Сите заедно тргнавме за Софија. И јас како многумина во почетокот мислев дека била обична сообраќајна несреќа, но ми стана чудно како реагираше мајка ми кога претставникот на ЦК на Бугарија сакаше да и' изрази сочувство. Таа му се заврти и му рече: ’Какво сочувство, тргнете ми се од пред очи, вие го убивте детето’. Многу потресна беше сликата кога вујко ми Венко, пред да го погребат, му ја прочита на Миле прошталната песна. Се сеќавам на зборовите: ’Синко мој, на денешен ден те даде земјата, на денешен ден те зеде’. На крајот заврши со зборовите: ’Падна како политичка жртва’. Вистината за смртта на Миле ја дознав од Дејан Крцун, брат на Слободан Пенезиќ-Крцун, кој за време на Информбирото беше пребеган во Бугарија и работеше како професор по естетика на Софискиот универзитет. Стоеше крај мене и тивко, за да не чуе некој друг, ми рече дека братучед ми бил убиен, а сообраќајката му ја наместила бугарската полиција“, се сеќава Бојчин.



Таа тврди дека Миле бил убиен не поради тоа што им згрешил на Бугарите, туку поради нејзиниот вујко Венко. Миле бил тивок човек, за политика не расправал, со никого не се карал. Пророчицата Ванѓа го предупредувала два месеца пред трагедијата дека ќе го убијат. Меѓутоа, тој не и' поверувал, зашто сметал дека пророштвата се несериозна работа, за разлика од неговиот татко Венко, кој сакал да му ја претскажуваат иднината. ’Ванѓа беше и на погребот на Миле. Додека стоев со брат ми и со мајка ми, некој зад мене ми рече: ’Браниславо, тргни се, направи ми место’. Кога се свртев, гледам, ми зборува Ванѓа. Ја знаев од весниците. Да бидам искрена, се преплашив и си велев од каде го знае моето име. § направив место меѓу мене и брат ми и таа цело време на погребот беше со нас“, вели Бојчин и додава дека Венко и Ванѓа станале пријатели кога тој еднаш отишол кај неа за да му гледа.

„Вујко ми Венко по погребот се чувствуваше ужасно. Додека седевме во дневната соба во Банки, дремна дваесетина минути, немаше спиено подолго време и штом се пробуди ни вели: ’Го сонував Миле. Ми рече, те чув кога ја читаше песната’. Тоа што му рекол ’те чув’ за него значеше многу“, се сеќава неговата внука.

Според неа, Миле не заминал во Бугарија од политички причини. Тој бил прифатен од сите во Македонија, бил добар шахист, одел на повеќе шаховски натпревари низ Југославија, бил републички првак. Имал и добра работа, бил уредник на едно списание. „Тој во Софија отиде да го лекува постариот син кој имаше проблеми со ногата, па требаше итно да се оперира. Сметаше дека таму има подобри лекари. А и татко му имаше врски да му помогне. Откако го оперирале синот, сакаше да се врати. По протерувањето ��а вујко ми, навистина првите две години имаше закани преку телефон дека ќе го убијат, но по интервенцијата на мојот сопруг тие престанаа. За тоа дека требало да оди во Детроит за да биде бугарски конзул не сум слушнала“, објаснува Бојчин.


Мозокот и срцето на Венко Марковски неговата сопруга Филимена ги чувала дома до пред шест години, а потоа ги предала во музејот во Софија

Внуката на Венко вели дека вујко и' знаел дека тајните служби на Бугарија го следат на секој чекор. Тој знаел дека е прислушуван и секогаш кога требало да си кажат некои важни работи, разговарале во дворот. Имал радио во дневната соба и постојано го слушал Радио Скопје. Никој не смеел да му ја промени станицата. Бил голем навивач за Вардар. Најчесто во Софија го посетувала мајка и' Дока, која била многу приврзана кон него, а и тој кон неа. Починал од рак на желудникот, а последните два месеца од животот била крај него. И умрел на нејзините раце.

„На погребот на вујко ми отидоа брат ми и сестра ми. Јас не се осмелив да отидам, затоа што по погребот на Миле на работа имав големи проблеми. Бев државен советник во Уставен суд, а кога се вратив, ме викнаа на сослушување: Димитар Стојчев-Цуце, во кого вујко ми Венко имаше голема доверба, а тој работеше против него, Боро Доганџиски, кој го судеше, и Асен Групче. За време на сослушувањето, Стојчев дури предложи да се откажам дека сум внука на Венко. Веднаш го замолче Асен Групче со зборовите: ’Доста со тие глупости. Како ти текна ова да го кажеш’. И Доганџиски го осудуваше моето одење на погребот на Миле и тогаш ми рече: ’Друг пат ќе си ги преброиш копчињата на палтото, па потоа ќе преземаш дејства’. Стојчев продолжи да ме испрашува и да инсистира да му кажам што ми рекол Венко. А што може да ми каже човек на кого синот му лежи во мртовечки сандак“, се сеќава на тие тешки моменти Бојчин.



Венко е погребан на Градските гробишта во Софија, не му е изграден ниту обичен споменик. Кога неговата внука Бранислава отишла последен пат за да му запали свеќа, имало само еден дрвен крст со неговото име. Тоа страшно ја погодило. Вели, за да се види колку навистина Бугарите го почитуваат поетот, за кого тврдат дека е нивни, доволно е да се отиде и да се види неговиот гроб и местото каде што почива.

„Кога почина вујко ми, по барање на Филимена се извадени неговото срце и мозок и се ставено во тегли со формалин. Мајка ми тогаш барала брат и' да го погребат според сите христијански обичаи, но Филимена не се согласила. И тогаш таа се испокарала со Филимена, со која престанала да зборува. Познатата пророчица Ванѓа неколку пати и' се јавувала на Филимена, и' се јавуваше и на мајка ми, инсистирајќи да ги погребат неговиот мозок и срце, посебно мозокот, да за да можела да комуницира со вујко ми Венко. Каква е таа комуникација не знам, но тоа се зборови на Ванѓа. Но, Филимена пак не се согласила, а мозокот и срцето до пред пет-шест години во тегла ги чувала дома“, нагласува Бојчин.

Од семејството на Венко Марковски денес во Софија живеат постариот син на Миле, Игор, кој работи како новинар, а има завршено Драмска академија. Помалиот Вени, кого го крстиле по името на дедо му, своевремено беше прв човек на Асоцијацијата за Интернет во Бугарија, а сега се наоѓа во Њујорк, каде што е оженет за Американка. Нивната мајка не се премажила, најважно и' било да ги изведе синовите на вистинскиот пат. Сопругата на Венко, Филимена, живее во истата вила што им ја доделиле тогашните бугарски власти. Ќерката Султана е со мајка си, никогаш не се омажила. Додека биле во Македонија, таа завршила Музичка академија во Белград, а подоцна магистрирала во Москва. Работи како музички педагог.

На потесното семејство на Венко му припаѓа и Љубинка, но таа не е негова родена ќерка. Додека бил во партизани, за време на борбите, в раце му починал еден борец - Србин од Косово, и притоа му оставил аманет да го чува неговото девојче. Така ја посвоил Љубинка, ја пораснал и ја школувал. Завршила француска филологија и се омажила за познатиот македонски новинар Никола Солдатов. Подоцна се развеле и се премажила. Денес живее во Париз.


(Продолжува)


Статијата е прочитана 3085 пати.

Испрати коментар






Angele L. Vretoski, 16.03.2009 03:29:19
"Венко е погребан на Градските гробишта во Софија, не му е изграден ниту обичен споменик. Кога неговата внука Бранислава отишла последен пат за да му запали свеќа, имало само еден дрвен крст со неговото име. Тоа страшно ја погодило. Вели, за да се види колку навистина Бугарите го почитуваат поетот, за кого тврдат дека е нивни, доволно е да се отиде и да се види неговиот гроб и местото каде што почива.” Јаничарите се национални херои само додека се живи, после кој има потреба од мртви херои. Бугарските властодржци од некогашна Македонска Сердика денешна бугарска Софија ги имаат сите пробугарски дела пишувани од В.М. и немаат потреба да го уредуваат неговиот вечен дом. Едно ме чуди зошто неговата жена и неговите внуци кои се миленици на големобугаристите не се погрижиле да му направат достоен гроб – или итие се имаат откажано од В.М.
pameten, 16.03.2009 05:42:53
Goran: "Ako velis deka bugarstinata postoela 1000godini kaj nas,togas veils deka taa e sostaven del na nasiot identitet,a toa ne e tocno.Im davas na Bugarite golem kompliment, sto ne go zasluzuvaat. " Ne jas, toku tie koi shto gi negirat nashite Bugarski koreja im davat na deneshnite Bugari golem kompliment - priznavat deka celata Bugarska istorija na Balkanot im pripagja! Bugarskite korenja i posebnata evolucija vo 20 vek se vistinskite temeli na Makedonski identitet!
Сосовременик, 16.03.2009 07:31:33
Навистина трогателен дел од фељтонот и се сочувствувам. И без иронија. Така поминуваат оние кои се оттуѓуваат, тие се оттуѓени и неприфатени од никого, а најмалку од другиот и уште повеѓе од Бугаринот. И тој знае дека изродот секојпат останува изрод и дека неможе да го прифати. Тој еднаш што ја предал сопствената држава, неможе да биде патриот на друга. Во секој случај трагичен крај.
nemir, 16.03.2009 07:55:19
Ete toa e taznata sudbina na lugjeto koi ke dozvolat nekoj da gi korumpira vo zivotot. Ne samo sto celiot svoj zivot ke go pominat so licnoto cuvstvo na vina, tuku ke bidat prezreni i od onie koi gi korumpirale.
lule, 16.03.2009 08:44:35
Sudbinata na kvalitetnite luge vo toj period navistina bila teshka, a boseno ako bile pod budnoto oko na tajnata sluzba. Shto poskoro ja priznaeme vistinata za site patrioti shto gi rodila ovaa zemja tolku porgu i ke odi napred nashata tatkovina.
mile, 16.03.2009 08:50:03
Srpskite sluzbi na UDBA vo Makedonija prosleduvale i isprasuvale samo zaradi toa sto nekoj otisol na pogreb vo Bugarija i barale da se otkazat od svoite rodnini. Ke im sudi li nekoj nekogas na tie togasni "nashi" sluzbi koi zacrnile iljadnici Makedonci koi izgnija na Goli Otok?! Venko e heroj!!!
Flora, 16.03.2009 09:50:46
Srceparatelno!Pateticno! Morbidno! Koj treba na V.M. da mu podigne spomenik? Da ne cekaat Filomena, Sultana, Veni toa da go napravime nie, Makedoncite. Ne znam kako e kaj Bugarite, ama nie ovde na nasite najbliski, semejstvoto im podiga spomenik i im gi ureduva grobovite.Smrta na Mile e navistina tragicna. A Filimena, na negovite drugari, koi od Skopje otidoa na negoviot pogreb, i na site koi i izrazuvale socuvstvo povazno i bilo prvo da im ja pokazuva telegramata so socustvo od Todor Zivkov, otkolku da go oplakuva sinot. Tolku za nea.
goran, 16.03.2009 12:15:36
Klucno prasanje za nasata istoriografija e:dali Venko izbegal ili e proteran od Makedonija Ovoj nastan treba najobjektivno da se istrazi i da se obelodeni na javnosta.Ocigledno e deka postoi razlika vo toa kako Venko go dozivuvaat negovite sovremenici i onie od generacijata na Todorovski,Djurcinov i Baba Jana.Generacijata na Venko bese silno ispolitizirana i toa direktno se odrazi i vo nivnoto tvorestvo.Nasite modernisti napravija iscekor na napred vo estetsko umetnicki pogled, no pokazaa nezainteresiranost i conformizam na opstestven plan.Sigurno i tie znaea za postoenjeto na Goli Otok.Sega mozat kako turisti i da go posetat..Pedavstvo moze da bide napisan tekst,no i stav vo zivotot.Predavnici ne se radjaat,tie ja odrazuvaat tragicnosta na covekovoto postoenje.Treba da prestaneme sami da barame pricini za polariziranje.Taka ke im dademe sansa i na idnite generacii poobjektivno da gledaat na nastanite vo minatoto.
Projko, 16.03.2009 12:45:29
И болката на Венко, како и на многу македонски синови, до максимум е исползувана од антимакедонството, што се покажува и од третманот на неговото вечно живеалиште. Македонија има причини за него да се сеќава, зашто во неговиот живот има: и вера, и надеж, и чест и слава, и поезија и отров, и голготско распетие - и бол и бес! Треба да го паметиме, заради наша ука и поука - таков каков што бил. Имаме потреба и да му простиме и да ни прости. Во секој случај тој е Македонец - страдалник, изгубен од болка во врермето и просторот.
Tode 1, 16.03.2009 12:58:50
V.M. moze da se rehabilitira kako poet za toa sto go napisa na makedonski,iako toj makedonskiot go smetase za bugarski dialekt,moze da se rehabilitira i kako covek,deka site gresime pomalku ili poveke,ama nikogas kako Makedonec,bidejki onoj sto si ja menuva nacionalnosta vo zavisnost koj poveke dava e samo orospija so tapija.Ednostavno toj e Bugarin koj pisuval vo pocetokot i na makedonski.I od denesen aspekt se gleda kolku so svojata dejnost vo Bugarija i steti denes na Makedonija.
непростенков, 16.03.2009 13:24:06
неправилен триаголник Македонија -Венко Марковски-Богарија.
patalec, 16.03.2009 16:22:35
Воопшто не е битно дали е избеган или протера. Човекот бил и останал Бугарофил. и предавник на Македонците. А предавници така завршуваат, да не им се знае ни гроб ни корен. Предавник е предавник и за оној за ција сметка работел, и на крај се ослободува од него. така било о ис Венко. Непотребно се троши и време и простор .
Еden Makedonec, 16.03.2009 19:31:19
So Mile me zapozna poetot Vojmir Asenov, moj prijatel. Koga Mile razbra deka tatko mi go poznaval negoviot tatko vo 1944 g. stanavme pobliski. Zatoa znam deka toj po srce i dusha se chuvstvuvashe Makedonec i deka ne beshe srekjen vo Sofija.
novinar, 16.03.2009 20:30:17
feljtonov vi dobar ama sto ima napraveno toj venko markovski koj moze da mu nosi voda na brasanrov za makedonija so tri stuhozbirki i so nedefiniran identitet (licen)otisol vo majka balgarija i dtetetyeo si ja sakala svojata iskonska otazbina i ziveese vo vila bl;izu sofija negoviot sin zagina tragicno nekade vo kanada bog da mu prosti.i sega go-dine glavni urednice misxlite so ovaj feljton ce napravite nekoi poeni za makedonija ste se zaebale!komu mu e potrebna vakva polemika vo mdesetina prodolzenija vo ova k,t vreme i komu mui koristio.napravete feljtioni za racin,misirkov,k.nedelkovskipetre.m.andreevski pulevski....sto se zanimavate so ludje koi imale somnevanje(mislam intimno ili zaq nekakvi pari koi se otepuvaccka.r.krle)vioe ja rasturate makedonskata sovremena istorija i kauza i zatoa se vracame vo vremeto i prostorot vo koj nemozat da se snajdat i najdobrite astronomi 7 ooo godini pored hruistos e sega NEE NAS NI LERIN A KAMOLI SOLUN!baram objasnuvanje od urednistvoto.
15.03.2009, 19:10

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, 7°C

Магла

Вторник
Сончево
Макс: 14°C, Мин: 5°C

Среда
Локални грмотевици
Макс: 13°C, Мин: 7°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз – Титова Совладетелка (11)
Јованка сака да го лекува Тито.„Утрински весник“ специјално за своите читатели во целост ги објавува сите 50 продолженија на фељтонот „Јованка Броз-Титова совладетелка“
Настани
Промовирано здружението за Интерактивно огласување - ИАБ Македонија
Промоцијата на Здружението се случи на првата Интернет маркетинг и онлајн ПР конференција во Македонија - AllWeb...
Интелектуалната сопственост е мерило за напредокот на општеството
Електронски медиуми против ММИ...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Анализа | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Што прават денеска | Фељтон |