26.11.2012, 15:43 Поднесете приговор до „Македонска пошта“ ако не сте задоволни
Приговорот е законски инструмент според европски стандард и „Македонска пошта“ е должна да постапува по нив, во спротивно може да заработи казна од 5.000 евра
Корисниците на поштенски услуги во Македонија многу ретко поднесуваат рекламации, а дури 86 проценти од нив не знаат како да поднесат приговор. Главна причина за тоа е слабата информираност на граѓаните и на фирмите. Ова го покажало истражувањето што го спровела „Агенцијата за пошти“, која почна кампања за зголемување на јавната свест на корисниците на поштенските услуги за правото на приговор.
Според истражувањето, соодносот меѓу бројот на рекламации и годишниот обем на услуги на „Македонска пошта“ од 2009 година до 2012 година е постојан и изнесува занемарливи 0,005 проценти. Рекламации за обични писма во тој процент речиси нема. „Податокот дека за 2,5 години од 2010 до јули 2012 година ’Македонска пошта‘ примила само една рекламација за обично писмо е индикативен и оди на штета на правата на примачите и испраќачите на обични писма“, истакна денеска директорот на „Агенција за пошти“, Влатко Атанасоски.
Според него, единствено логично објаснување е дека корисниците не знаат дека можат да поднесат приговор за изгубени и задоцнети обични писма или ако знаат и се обиделе да го сторат тоа, се обесхрабрени.
Со кампањата „Имаш право на приговор - оствари го!“, „Агенцијата за пошти“ сака да го подигне степенот на одговорност на „Македонска пошта“ како давател на универзална услуга за нивото на квалитет на испорачаните услуги во корист на испраќачите и примачите на пратки. „Македонска пошта“ постапува по рекламации од корисници, но нема процедура за постапување по приговори. Според Атанасоски, приговорот е законски инструмент според европски стандард и „Македонска пошта“ е должна да постапува по нив.
Предвидена е и глоба во законот од 5.000 евра во случај на ненавремено, нецелосно или воопшто никакво одговарање на рекламацијата или приговорот на корисникот. Корисникот може да достави приговор до „Македонска пошта“ во рок од 30 дена од спорниот настан, а таа пак треба да даде одговор исто така во рок од 30 дена од приемот на приговорот.
Истражувањето за задоволството на корисниците на услугите на поштенските оператори за годинава покажува дека 22 проценти од анкетираните граѓани воопшто не се информирани за услугите на „Македонска пошта“, 25 проценти добиваат информации од нејзините шалтери, 22 проценти од пријатели или соработници, 18 проценти од медиумите, а 13 проценти од вработените. (Ек.Р.) |