28.11.2012, 15:02 Хотелиери од Египет заинтересирани за Македонија
Сопственици на луксузни хотелски сместувачки објекти, елитни туристички ресорти, ресторани, туристички бродови и тур-оператори од државите на северна Африка, пред се' од Египет, престојуваат во Македонија, на разговори посветени на можностите за унапредување на севкупната туристичка соработка со државите од Балканот. Посетата е во рамки на осмислување поширока заедничка туристичка понуда, но и за да ги разгледаат можностите за инвестирање во Македонија.
Генералниот секретар на Туристичката комора на Египет, Мохамед Ласар, кој вторпат престојува во регионот, ја нагласи нивната заинтересираност да се изнајдат најразлични модели за интензивирање на соработката со државите од Балканот. „Моите впечатоци од оваа втора посета на Македонија само ги потврди очекувањата, за сличностите меѓу нашите држави кога станува збор за изнаоѓање форми на соработка од заеднички интерес. Преку амбасадорот на Македонија во Египет договориме средби со надлежните институции во Македонија, предвидени да се одржат во текот на оваа седмица. Со нив ќе разговараме за можностите за соработка во областа на туризмот, кој како стопанска гранка повлекува унапредување на соработката во други сфери, се разбира и во областа на инвестициите“, изјави Ласар.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиерите на Македонија Дончо Танески истакна дека шестгодишните контакти со колегите од Египет и државите од северниот дел на Африка вродуваат со плод. „Голем број наши туристи патуваат за Египет и соседните земји, а сега нивни интенции се тоа да се одвива и во другата насока, односно нивни туристи да доаѓаат во регионов. Кога станува збор за Македонија, постои и втор елемент, односно интерес кај некои од нив за развивање подлабоки бизнис-релации, со можност за потенцијални инвестиции. Веќе се договорени средби во Владата, но сето тоа зависи од начинот како ќе ја презентираме нашата понуда, вклучувајќи ги тука и поволностите што ги нуди државата како поддршка за развој на туризмот“, истакна Танески.
Инаку, во Охрид се одржува и редовното годишно собрание на Европско-медитеранската ресторанска федерација, во која членуваат и претставници на Балканската алијанса на хотели и ресторани (БАХА). Поради изразениот интерес на други субјекти од областа на туризмот за членство во федерацијата, на состанокот во Охрид е договорено таа да биде преименувана во Европско-медитеранска туристичка федерација, а претседавањето со федерацијата наредните четири години го презеде Црна Гора.
Новоименуваниот претседател на Федерацијата, Марко Петричевиќ, во оваа пригода истакна дека контактите во Охрид се исчекор во насока на здружувањето на северноафриканските туристички работници со оние од Балканот, за заеднички настап на еден поголем туристички пазар. (Ек.Р.)
|