28.11.2012, 12:40 Грција го покрива „неприфатливото име“
Атина вели дека следи се`во врска со употребата на уставното име на Македонија и неговите деривати на дипломатско и комерцијални ниво
Министерството за надворешни работи на Грција објави одговор на заменик-министерот Константинос Циарас на прашањето на неофашистичката Златна зора „за употребата на името Македонија и неговите деривати од поранешната југословенска Република Македонија на дипломатско и комерцијални ниво“.
Во одговорот се вели дека МНР постојано следи се` што е во врска со прашањето за името. Исто така, се укажува и дека според билатералниот меморандум за практични мерки ако на увезените производи во Грција од Македонија стои уставното име на нашата земја, „тогаш увозникот мора да стави налепница со привременото име на Скопје“. „Неприфатливото име“ на производите треба да се покрие пред царинење при влез во Грција и одговорноста за почитување на овие прописи ја има Министерството за развој и конкурентност.
Во врска со признавањето на Македонија од трети земји под уставното име, Цириас вели дека „многу малку земји членки на ОН“ ја признале Македонија под уставното име „со размена на вербални белешки на постојаните претставници на двете земји во ОН, дури и без да ги информираат нивните Министерствата за надворешни работи“.
Според него, некои земји кои „рекле дека имаат воспоставено дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име, и тие го користат привременото име и во билатералните односи со земјата“. Цириас вели и дека сите меѓународни организации кои се под ОН го употребуваат привременото име на нашата земја, според правилата на Обдинетите нации. „Во ретки случаи имало или има тела кои ќе ја наречат земјата со име неприфатливо за Грција, но веднаш се корегирале откако соодветно се интервенирало“, се вели во соопштението.
„Министерството за надворешни работи постојано се стреми превентивно да преземе чекори со земји кои имаат воспоставено дипломатски односи со соседот, под уставното име на поранешната југословенска Република Македонија, со цел, ако е можно, да го спречи тоа. За земји кои веќе ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име, Грција прави напори да ја добие нивната согласност дека ќе го усвојат името што ќе произлезе од преговорите меѓу Грција и Скопје во ОН“, стои во пишаниот одговор од заменик-министерот Цириас.
Од 193 земји-членки на Обединетите нации Македонија има воспоставено дипломатски односи со 167. Од нив, 134 земји-членки на ОН го признаа уставното име на Република Македонија. |