27.11.2012, 15:50 Доживотен затвор за трикратното убиство во „Биг фиш“
Кривичниот суд и на повтореното судење донесе иста одлука за скопјанецот Тони Денковски
Љубиша Станковиќ
Скопскиот кривичен суд и на повторениот судски процес му изрече казна доживотен затвор на Тони Денковски, обвинет за трикратното убиство во скопскиот ресторан „Биг фиш“. Според судијката Љубинка Башевска, Денковски е виновен за трикратното убиство, како и за недозволено поседување огнено оружје. За убиствата на Јордан Јорданов, полицискиот инспектор Владо Милошев и на Влатко Андреевски судот го осуди Денковски на максимална казна, а за поседување автоматска пушка „калашников“ на уште пет години затвор. Според законот му е изречена единствена казна доживотен затвор - пресуда која е идентична со онаа што му беше изречена претходно.
Иако објавата на пресудата претставуваше изненадување како за застапникот на обвинението и за адвокатите на оштетените така и за обвинетиот Денковски и за неговите бранители, но судот рече дека подолго време наназад размислувал за целиот случај и за санкцијата за стореното.
На изрекувањето на максималната затворска казна му претходеше давање завршен збор. Јавниот обвинител рече дека во целост биле испочитувани упатствата на Врховниот суд и обвинетиот бил вештачен од тим на Судско-медицинскиот одбор. Обвинителот рече дека во прилог на обвинетиот треба да се земат и олеснителните околности, но дека треба да се има предвид дека Денковски усмртил три лица и затоа бара најстрога казна за него.
Во име на одбраната на обвинетиот Тони Денковски говореше адвокатот Звонко Давидовиќ. Според одбраната, судот и на повторениот судски процес не ги испочитувал наредбите на највисокиот суд, бидејќи не биле утврдени мотивите за извршените убиства и не била утврдена психолошката состојба на Денковски.
„Два час разговор и пиење кафе со обвинетиот не значи сериозна опсервација, како што тоа го наложи Врховниот суд, а вештите лица не само што не го утврдиле мотивот, туку и афектниот гнев и страв на обвинетиот за што зборуваат двајца сведоци“, рече адвокатот Давидовиќ и го обвини судот дека повторно го зел предвид вештачењето кое еднаш веќе беше оценето како несериозно. Давидовиќ кажа дека никој не кажал ништо, непосредно пред трагичниот настан, за пукањето во возилото на Денковски и куршумот што бил најден во пластичната вреќа.
Самиот Денковски се сложи со одбраната на своите адвокати и потврди дека останува на веќе дадениот збор.
„Немав никакви недоразбирања со Владо Милошев и со Влатко Андревски и затоа жалам за тоа што се случи. Впрочем, жал ми е за Јорданов, но тогаш тоа беше единственото решение“, рече осудениот Тони Денковски.
Настанот за кој Тони Денковски повторно е осуден на максимална затворска казна се случи на 2 септември 2010 година. Тој од автоматско оружје во рибниот ресторан „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром, со три кратки рафали ги усмрти велешаните Јордан Јорданов викан ’Ркулот и Влатко Андреевски и полицискиот инспектор Владо Милошев. На трагичниот настан му претходела случајна средба на сега осудениот Денковски со Јорданов, кој бил во друштво со сега покојните и со уште една девојка. Тој, на кратко, го напуштил ресторанот и заминал дома, а кога се вратил, од пластична вреќа извадил „калашников“ и од него стрелал во своите жртви.
За трикратното убиство Денковски беше осуден на максимална затворска казна, која беше потврдена и од скопска Апелација, но поради направени пропусти за време на постапката Врховниот суд наложи ново вештачење на обвинетиот, односно повторување на постапката од почеток. Инаку, и по две години минати зад решетки за Денковски немаше судска пресуда, но нему мерката притвор му беше продолжена со судска одлука. |