27.11.2012, 15:54 Просечна плата во земјава е 20.779 денари
Просечната исплатена нето-плата по вработен во септември изнесувала 20.779 денари, што претставува зголемување за 0,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето се должи пред се' на покачувањето на нето-платата во секторот стручни, научни и технички дејности и тоа за 12,2 отсто, други услужни дејности за 11,1 отсто и земјоделство, шумарство и рибарство за 4,9 отсто.
Намалување на платата во однос на претходниот месец е забележано во секторите рударство и вадење камен и тоа за 4,7 отсто, во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 4,1 отсто и во областа административни и помошни услужни дејности, каде што е исплатена за 2,8 отсто пониска плата.
Бруто-платата во септември изнесувала 30.556 денари и таа е зголемена за 0,7 проценти во однос на истиот месец минатата година.
Во септември 2,2 проценти од вработените не примиле плата.(Ек.Р.) |