28.11.2012, 15:29 СДСМ: Меѓуетничките односи се влошуваат
СДСМ денеска оцени дека се повеќе се влошуваат меѓуетничките односи во Македонија. Обвини дека владините коалициски партнери шират национализам во наизменични периоди притоа не водејќи сметка за последиците, а нивниот пример го следат и верските лидери.
- Начинот на кој се прославува Денот на албанската државност и знаме се повеќе ги драматизира меѓуетничките односи во земјата. Веќе цела недела провокативно се поставуваат изнасилено големи албански знамиња, се поставуваат споменици и јарболи, без на ниту едно место да се стави и државното знаме. Вчера, беа промовирани новите простории на државниот универзитет во ��етово, кои целосно беа прекриени повторно само со албанско знаме, рече на прес-конференција потпретседателот Гордан Георгиев, притоа забележувајќи дека за ваквите случувања не се огласиле најодговорните во државата.
Според СДСМ, изјавите на поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи и на поглаварот на Македонската Православна Црква, г.г. Стефан уште повеќе ги продлабочуваат поделбите во македонското општество.
- Верските лидери, наместо својот авторитет кај верниците да го искористат за смирување на недоразбирањето и да упатуваат пораки за помирување, тие се повеќе наликуваат на алатка во рацете на неодговорните политичари. Односот на верските лидери последниве денови, нема никаква допирна точка со пораките кои истите им ги упатуваат на верниците на Велигден и Бајрам, рече Георгиев.
Поткопувањето на меѓуетничките односи, сметаат од СДСМ, на долг рок ја загрозуваат иднината на државата.
- СДСМ продолжува да се занимава со напади исклучиво насочени спрема ВМРО-ДПМНЕ, кога се во прашање меѓуетничките односи внатре во Република Македонија со што покажуваат дека не им се битни ниту државните, ниту националните интереси, туку им се пориоритет дневните препукувања, наведува ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Во реакцијата на прес-конференцијата на СДСМ, се истакнува дека оваа партија не научила за 20 години каде греши и повторно се служи со истите трикови и грешки.
- Бидејќи Андреј Петров не собрал храброст да влезе во канцеларијата на својот партиски шеф Бранко Црвенковски, го повикуваме тоа да го направи Гордан Георгиев и да го запраша Црвенковски за законот за државјанство од 94-та година, да зборува за штетниот закон за територијална поделба од 2004-та, да зборува за Законот за знамиња од 2005 година, да зборува за преговорите со Красничи, кој го држеше под опсада главниот град, да зборува за градењето на меморијалните центри на УЧК. Кога ќе го направи овој разговор, со одговорите на овие прашања, го очекуваме Гордан Георгиев да излезе во јавност?, се вели во реакцијата. |