28.11.2012, 15:51 Пад на индустриското производство за 4,6 отсто
Индустриското производство минатиот месец е намлено за 4,6 отсто во однос на октомври 2011 година, додека во споредба со септември 2012 е зголемено за 0,2 процента.
Како што соопшти Државниот завод за статистика, индустриското производство бележи пад од 6,7 проценти во периодот јануари - октомври 2012 година во однос на периодот јануари - октомври 2011.
Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во октомври 2012 година во однос на октомври 2011 бележи опаѓање од 13,7 отсто, во секторот Преработувачка индустрија еден процент, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 26,8 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во октомври 2012 во однос на истиот месец лани бележи опаѓање кај Енергија за 36 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,5 проценти. Пораст е евидентиран кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,1 отсто, Капитални производи за 28,7 и Трајни производи за широка потрошувачка за 13,3 проценти. |