ЛИЧНОСТ
Живот меѓу камера со плочи и фотодигиталец
Кариерата на Благоја Дрнков може да се гледа како одраз во огледало на развојот на фотографската техника
Јасминка Павловска
Со своите 94 години, за кои се чини дека ги носи со леснотија (иако знае да се пожали дека нозете не му се како некогаш), Благоја Дрнков и без „кредитот“ на својата фотографска и снимателска биографија комотно може да го носи статусот на жива легенда. Неговата мисла е јасна, сеќавањето свежо, а неговиот нерасипан стар скопски говор, во кој сонцето е „с’лнце“, влијае носталгично и староградски достоинствено. Благоја Дрнков, еден од пионерите на македонската кинематографија, неодамна од претседателот Бранко Црвенковски беше одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“. И покрај десетдецениското животно искуство, сепак, ова признание успеало пријатно да го изненади.
Кариерата на Благоја Дрнков може да се гледа како одраз во огледало на развојот на фотографската техника. Неговиот прв фотографски апарат бил „цајс икон 912“ со фотографски плочи, а денес се' уште фотографира со дигитален „канон EOS XTI“. Навистина не работи со „Фотошоп“, но понекогаш, ако смета дека треба „дотерување“, во тоа му помага внукот. Во својот континуиран фотографски и снимателски опус има овековечено секакви мотиви, во кои секогаш гледал да најде симболика што ќе го отслика времето и секогаш да биде афирмација на Македонија.
„Сметам дека една од највпечатливите фотографии ми е онаа што ја направив во далечната 1948 година кај Крива Паланка“, раскажува Благоја Дрнков. „Беше набрзо по Втората светска војна, кога бевме на терен. Застанавме кај еден бунар кога наиде човек со дрвена нога, носејќи во рацете германски шлем, наместо кофа, да наполни вода. Беше тоа речиси надреална слика, која од поствоеното македонско секојдневје ’зборуваше‘ за апсурдноста на војните. Нашинецот ја имаше изгубено ногата во војната, а Германецот, чиј шлем тој го носеше како кофа, ја загубил главата. Тоа е слика за поразот на животот!“
„Заразата“ на Благоја Дрнков со фотографијата започнува уште на шест-седумгодишна возраст, кога неговиот татко во домот во скопско Маџир Маало го повикува градскиот фотограф (содаџија и сосед) да го фотографира семејството. Тогаш на малиот Благоја содаџи��ата-фотограф му се сторил како „маѓосник“, кој прави волшепство во кутијата скриен зад црното платно, од кое повремено ѕиркал за да ги намести.
„Ме импресионираше таа магија!“, се' уште со восхит се сеќава Дрнков. На десет години од дуќанот ’Бечки базар‘ почнав да купувам фотохартија и негативи и на сонце да правам фотографии. Тоа беше тогаш најактуелна детска фотографска техника. Таа моја заразеност со фотографијата ја забележа професорот по физика во гимназија, па кога одевме на еден излет на Водно, ми дозволи да го носам неговиот фотоапарат. Беше тоа тешка конструкција, но многу бев среќен и горд и не дозволував никој да ми помага во носењето на нагорниците на Водно. Кога се вративме, професорот првпат ми ја покажа вистинската тогашна техника на правење фотографии. Мојата работа беше мошне конкретна - ги миев плочите на чешмата во дворот кај професорот“, почнуваат сеќавањата на Благоја Дрнков за почетоците.
Паралелно со првите фотографски искуства, гимназијалецот Дрнков наидува на кинокамера со 9,5 мм филм, што ја користи на „наем“, и првата филмска снимка што ја прави е борба на петли во својот двор.
„Моите фотографски почетоци беа такви, ме сликаше некој фотограф, а јас потоа си купував хартија и други фотографски материјали и сам си ги правев фотографиите. Првиот фотоапарат го купив во 1933 година, кога веќе работев како трговски помошник во книжарницата кај Васил Пупков, а хонорарно во фотографскиот дуќан на Теодосија Вучедолац. Јас им го водев книговодството, но она што ме привлекуваше беше фотографијата. Наскоро целосно преминав кај Вучедолац, кој ме праќаше во Загреб по набавка на апарати фотоматеријали. Во Загреб во 1935-1936 година ја купив првата филмска камера за дуќанот на Вучедолац, со која првпат снимив една католичка процесија во Скопје“, тече приказната на сеќавања на Вучедолац.
По Втората светска војна, Благоја Дрнков станува првиот директор на „Градски кина“ во Скопје, а во неговата биографија и во историјата на македонската кинематографија е забележано дека тој е меѓу иницијаторите за основање и прв директор на Филмската дирекција на Македонија ФИДИМА. Потоа станува дописник на „Филмске новости“ од Македонија, останати во сеќавањето на киногенарациите како неизбежен киножурнал. Дрнков е и дел од историјата на „Вардар филм“... Неговите фотографии и снимки, зачувани во неколку монографии, но и распространети низ светот како најдобра пропаганда за Македонија, претставуваат документ за времињата минати, просторите што се менуваат со времето, за луѓето и парчиња од нивните приказни... Неговите фотоопус е историја што не е здодевна за гледање и „читање“.
Дрнков и денеска не се откажува од својот фотоапарат-дигиталец, а тајната на својата долговечност и виталност ја објаснува едноставно: „Додека можам, ќе терам!“ |