Брoj 2803  сабота, 04 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Наука
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Богата програма на „Скопскиот џез-фестивал“

Со имиња како што се Рон Картер, Ману Каче, Маркос Вале, Раби Абу-Калил, фестивалот ветува квалитетно 27. издание

Тина Иванова

Годинашното, 27. издание на „Скопскиот џез-фестивал“ ветува програма која нема да ги заобиколи вкусовите и потребите на љубителите на џез-музиката, особено на оние страсните познавачи на оваа најмасовна музичка појава. Во петте фестивалски вечери, од 17 до 21 октомври, се бројат вкупно 14 концерти (во кои се вклучени и полноќните содржини), на џез-музичари и групи кои претежно доаѓаат од Европа и од САД, а ќе се одвиваат на три локации: Универзалната сала, Македонската опера и балет и клубот „Хардрок“. Имиња како Рон Картер, Ману Каче, Маркос Вале, Раби Абу-Калил се доволен доказ дека и овојпат фестивалот се насочува кон светските и европските културни мерила.

Директорот на СЏФ Оливер Белопета, вели дека многу постојани посетители на фестивалот веќе реагирале позитивно на годинешната програма, со констатација дека таа е исклучително богата и многу долга. „Пет дена и пет ноќи, без прекин. Програмскиот концепт (а со тоа и организациониот) се раководи од целта фестивалот да му припаѓа (не само формално, преку членување во значајните светски организации) на семејството на најдобрите фестивали во светот. И тоа е приоритетот. Се друго е споредно, дури и кореспонденцијата со овдешните капацитети за таквиот концепт“, вели Белопета. Тој истакнува дека програмската должина и згуснатост објективно се тешки за нашата публика да ги издржи, а можеби и ги надминува нејзините потреби. „Но, ние не сакаме да бидеме дел од процесот кој мора да признаеме дека постои - долгогодишно разградување на публиката во културата (последни потврди се посетеноста на некои неодамнешни културни манифестации). Па, кој може да издржи, нека издржи. Од програмата која ја составивме скромно ќе кажам дека сум задоволен, а во неа нема главен и спореден дел, затоа што и полноќните концерти се со големи имиња“, истакнува Белопета.



Мајсторот на уд, Раби Абу Калил (Rabih Abou-Khalil) и Македонската филхармонија, под диригентство на Борјан Цанев, ќе го отворат годинашното издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Човекот кој креираше нови начини (техники) на свирење на уд, повторно ни донесува егзотичен мирис на ориентот. Се смета за еден од најинвентивните композитори и секако еден од највештите интерпретатори. Македонскат�� публика веќе имаше можност да се увери во неговите изведувачки мајстории, кога гостуваше во рамките на СЏФ во 1996 и 2001 година. Во Скопје ќе го промовира најновиот албум, издаден за „Enja Records“, а насловен „Em Portugues“. На концертот ќе гостуваат и извонредните Michel Godard на туба и Jarrod Cagwin на тапани. „Jason Moran and the Bandwagon“ е вториот концерт во првата вечер на СЏФ. Американското трио во состав: Jason Moran, пијано, Tarus Mateen, бас и Nasheet Waits, тапани, ќе ни го презентира звукот типичен за авангардната џез-сцена. Џејсон Моран се смета за еден од најинтересните претставници на модерниот џез, поради неговиот концептуален пристап со кој создава нов правец во џезот. „Создавам музика во моментот, каде и да сум, во било кое време. Зашто, сметам дека компонирањето е моментална експресија“, ќе каже Моран.



Втората вечер на СЏФ е посветена на јубилејот „50 години од бразилската боса-нова“ - музички правец кој за многу кусо време доби интернационално внимание, особено поради ритмичките специфики. За таа прилика во Скопје ќе настапи бразилската икона Marcos Valle, кој е еден од најдобрите претставници на боса-новата. Овој пејач, композитор, текстописец и продуцент на повеќе од 20 соло-албуми, кој ја вкрстува топлата бразилска музика со џезот, ќе настапи заедно со вокалистката Ванда Са, и со уште петчлен состав, презентирајќи го проектот „Bossa entre amigos“. Маркос Вале стекна интернационална слава со неговата „Summer Samba“, за која во една прилика ќе каже: „Ах ’Самер Самба’. Растев близу до плажата и бев сурфер. Кога ја пишував, мислев само на плажата. Тоа е песна за летото, за сензуалноста на Рио и за сите чувства што ги имав додека сурфав“. По Вале, настапуваат бразилските ѕвезди Марсио Фарако (вокал и гитара), Трио Есперанца (вокал), Филил Баден Пауел (пијано), Мариана де Мораес (вокал) и Марсел Пауел (гитара), со уште петчлена инструментална придружба, со специјална програма за јубилејот. Втората вечер продолжува со концертот на холандската група „Zuco 103“, која е веќе позната на македонската публика. Специфичниот микс на џезот со хип-хопот и драм енд бејсот, но и рушењето на границите на различните култури и музички стилови, се карактеристика на овој бенд, кој во Скопје ќе го промовира најновото, шесто издание „After the Carnival“ кој нуди повеќе елементи на рокенролот.



Третата вечер на СЏФ, исто како и лани, е посветена на норвешкиот џез. Па, прв претставник на една од најинтересните џез-сцени во Европа во последно време, е пијанистот и композиторот Bugge Wesseltoft, кој се смета за инспиратор на цела една нова генерација млади музичари. Најпознатиот проект на Bugge е истоимениот деби албум на неговиот состав „New Conception of Jazz“, интересен конгломерат од различни музички жанрови. Неговото соло творештво опфаќа широк спектар на звуци: од мелодично пијано до експериментална и атонална музика и бучава. По екстремниот пијанист, концерт ќе одржи Квинтетот на еден од највозбудливите современи тенор саксофонисти и композитори во Норвешка, Karl Seglem, кој во својата музика ја комбинира богатата норвешка фолк традиција - вокалната и особено онаа што произлегува од звукот на норвешката виолина - преку неговиот специфичен уметнички израз. За крај на оваа вечер е настапот на групата „The Mungolian Set“ која се смета за претставник на т.н. фјучр џез-сцена.



Четвртата вечер ќе ја отвори еден од најплодните и највлијателните контрабасисти во џезот, Ron Carter. Неговото име се појавува на повеќе од 2500 албуми, а настапувал со сите музички великани на џезот. Во неколку наврати е прогласуван за најдобар басист на годината, а е добитник, меѓу другите, и на две награди „Греми“. Она што е значајно за Картер, е неговото членување во легендарниот квинтет на Мајлс Дејвис од 1963 до 1968 година, а денес, по 40 години, со својот квартет со кој ќе настапи во Скопје, го сними албумот „Dear Miles“, прекрасна посвета на својот поранешен лидер. По извонредниот Картер, концерт ќе одржи триото на Joshua Redman, еден од најреспектираните и најхаризматичните џез-саксофонисти. По полноќ, во четвртата вечер, ќе настапи квартетот на италијанскиот саксофонист Francesco Cafiso, наречен „најмладиот талент во историјата на џезот“.

Скопскиот џез-фестивал ќе го затвори еден од најпопуларните и најбараните тапанари во светот на џез, поп и рок-музиката, Manu Katche, кој е чест соработник на имиња како Питер Габриел, Стинг, Ману Чао... Снимен во њујоршкото „Аватар Студио“, новиот албум на Каче „Playground“ е опишан како албум кој поседува топол, свеж звук. Во Скопје ќе настапи во состав на Квинтет кој вклучува двајца исклучителни музичари, пијанистот Џејсон Ребело, инаку постојан член на составот на Стинг, како и басистот Жером Регард. Оваа вечер концерт ќе одржи и Квинтетот на американскиот саксофонист и флејтист Henry Threadgill, еден од најдобрите претставници на џез-авангардната сцена во САД, а се смета и за еден од најоригиналните композитори. Крајот на фестивалот ќе го означи концертот на интересното Трио во кое членуваат еден од најкреативните и најинтересните гитаристи и композитори денес, Justin Adams од Велика Британија и гамбискиот поет, пејач и музичар Juldeh Camara. Нивниот заеднички албум „Soul Scence“, објавен лани, добива извонредни критики.


Статијата е прочитана 96 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Живот меѓу камера со плочи и фотодигиталец
Виктор Фридман стана „Духовен воин“ на Македонија
Валтер Карвалјо ја прими „Златна камера 300“ за животно дело
На Балканот творат талентирани луѓе
Во Битола ќе се одвива паралелно затворање на „Браќа Манаки“
Новото ЦД на кларинетистот Тале Огненовски оценето како феноменално