Болниците ќе ги реновираат фирми блиски до власта?
Велешката „Делта пром“ е фирмата што девет години ја гради новата скопска гинекологија
Јасмина Јовановска
Меѓу петте компании, кои ќе работат на реновирање на дваесетина болници во земјава, е и велешката „Делта пром“, фирма на која бившата власт на ВМРО-ДПМНЕ и' даде да ја гради новата скопска гинекологија и ги проби сите рокови, а многу брзо го потроши тајванскиот кредит. На листата на избраните е и хрватската фирма „Конструктор инженеринг“, која од Владата е ангажирана за проектот „Скопје 2014“. Дали ова значи дека и на овој проект ќе работат фирми што се блиски до актуелната власт?! Останатите три фирми, кои ќе треба за период од шест до 16 месеци да ги завршат градежно-занаетчиските работи во 20 здравствени установи во Скопје и во внатрешноста се: македонската фирма „Вардар градба “ од Скопје, „ГБС- Благоевград“ и хрватската „Ингра“.
Зошто фирма со која државата има лошо искуство за градење во јавното здравство, повторно била избрана и на овој тендер, министерот за здравство Бујар Османи, по вчерашното потпишување на договорите со избраните фирми, објасни дека немало законска основа како фирмата „Делта пром“ да се елиминира, а да не ја тужи државата.
И овој пат, како и за сите други тендери, како што беше речено, биле избрани најевтините понуди. Тендерските постапки за избор на најповолен понудувач, истакна Османи, завршиле без ниту една жалба, што е показател за законитоста и транспарентноста на процесот. Министерот Османи не знаеше точно колку фирми учествувале на тендерот, но подоцна од Министерството информираа за 18 фирми.
На новинарското прашање зошто се реновираат болниците во внатрешноста, за кои во извештајот на Фондот било посочено дека се неискористени, првиот лекар во државата појасни дека искористеноста на капацитетите сега не биле земена предвид. Тој критериум ќе бил важен кога ќе се вршела рационализација на болничките капацитети.
Целиот проект за реконструкција на јавните здравствени установи опфаќа три фази и чини околу 30 милиони евра, од кои 23 се обезбедени како кредит од Европската банка за обнова и развој, а останатите седум се од државниот буџет. Со првата фаза се опфатени општата болница и Здравствениот дом во Прилеп, општите болници во Велес, Охрид, Струмица, Гостивар, Куманово, Кочани, Крива Паланка, Клиничката болница во Тетово, поликлиниките „Идадија“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“ при Здравствениот дом - Скопје, Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Чаир“, психијатриските болници во Негорци и во Бардовци, како и специјалната болница „Јасеново“ во Велес.
Во оваа фаза се изземени, но не и стопирано реновирањето на специјалната болница за белодробни заболувања кај деца „Козле“ - Скопје, како и функционална адаптација на објектот на интерните клиники, за што е побарано да се направат нови проекти.
Околу тоа дали реновирањето на болниците ќе биде пречка за пациентите и за нормалното функционирање на објектите, Османи рече дека тоа е работа на менаџерите. |