Охридските бродови закотвени цело лето?
Бродарите се во паника, сезоната поминува и нема доволно време за технички преглед на исправноста на пловилата
Даниела Трпчевска
Четирите охридски брода летово би можеле да останат закотвени во пристаништето, а туристите да останат без една од најубавите атракции - прошетка по езерото и излет на Свети Наум доколку не се обезбеди неопходната документација и дозвола за превоз на патници. Во екот на туристичката сезона, охридските сопственици на бродовите
„Галеб“, „Александрија“, „Кристина“ и „Македонија“ во паника бараат излез од ситуацијата. Откако германската фирма „Лојд“ ја откажа соработката без да го направи редовниот преглед на исправноста на пловилата во езерото, нема доволно време за новоизбраното „Биро Веритас“ од Франција да ја издаде документацијата и бродовите повторно да запловат во екот на сезоната.
По вчерашната средба во Министерството за транспорт и врски, надлежните се растрчаа да изнајдат решение и колку-толку да ја спасат годинешната туристичка во македонскиот бисер. Во наредниве денови се најавуваат интензивни преговори од француското биро, со надеж нивните експерти што поскоро да дојдат во Охрид и да го одобрат испловувањето на бродовите. Доколку не се случи тоа, бродарите велат дека ќе им биде нанесена огромна штета, бидејќи преживуваат само од заработувачката за време на кусата летна сезона.
„Сите сме затечени од настанатата ситуација. Со „Биро Веритас“ планираме интензивна преписка со цел да се заврши техничкиот преглед што поскоро. Водиме преговори и околу цената, начинот на плаќање, но и термините кога нивни претставници ќе можат да дојдат во земјава и да ја издадат неопходната документација. Тоа сега е најважно“, вели Горан Устијановски, претседател на Здружението на бродарите.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека на средбата со бродарите им било укажано на законските обврски, кои се усогласени со законодавството на ЕУ. „Сопствениците на бродови мора да ги извршат потребните технички прегледи и да ја обезбедат соодветната документација за да превезуваат патници“, велат од Министерството.
Но, бродарите укажуваат на низа проблеми што им се наметнале годинава по откажувањето на соработката од страна на германски „Лојд“. Досега техничкиот преглед на бродовите секогаш се извршувал пред сезоната, со што бродовите навреме ја обезбедувале неопходната документација.
„По минатогодишната несреќа кога 15 бугарски туристи се удавија при потонувањето на бродот „Илинден“, беше јасно дека „Лојд“ повеќе нема да врши проверка на плов��лата. Затоа надлежните требаа навреме да изберат нова фирма од регистарот со која ќе биде склучен договор за навреме да се завршат обврските“, коментираат бродарите.
Сега тие се доведени во ситуација да бараат од новата француска фирма, со која пред неколку дена беше склучен договор, што поскоро да им излезе во пресрет и да им ја издаде документацијата. „Но, се плашиме дека тоа нема да оди толку брзо. Можно е да им треба најмалку 15 до 20 дена за да направат технички преглед на бродовите, а дотогаш сезоната веќе ќе заврши“, коментира Устијановски.
Бродарите бараат да им се овозможи бугарска фирма за неколку дена да ги заврши проверките, но од Министерството за транспорт и врски се децидни дека ќе се сметаат за валидни само сертификати издадени од реномирани организации што се на листата на Европската комисија. На таа листа е француското „Биро Веритас“, но не и бугарската фирма на која инсистираат бродарите. (Д.Т.) |