Дали ќе се стигне во пет минути до 12 во Брисел
Власта сега е расположена да свика и вонредна седница на парламентот за Деловникот
Оливера Војновска
Власта цела година бегаше од измените на Деловникот, а сега е расположена да свика и вонредно заседание на парламентот за да го коригира овој собраниски акт. На истата седница би добила верификација и одлуката за формирање анкетна комисија, која треба да го истражува инцидентот од 1 јули. Надежите на владејачката партија се' дека со овој пакет ќе се поправи впечатокот за државата пред заседанието на Советот за стабилизација и асоцијација. Познавачите на состојбите на домашната политичка сцена и на односите со ЕУ се скептични дека сега може да се стори нешто за да се смени генералната перцепција во Брисел. Уверени се дека оцените за политичкиот напредок и за демократизацијата на земјата се веќе напишани.
Професорот на ФОН и долгогодишен амбасадор во Брисел, Нано Ружин, вели дека до него пристигнуваат сигнали кои не влеваат оптимизам во однос на исходот од состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација. „За жал, влезени сме во еден негативен тренд за евроинтеграциите. Моите сознанија се многу песимистички и не очекувам дека заклучоците ќе ни бидат наклонети. Убаво е што се прават напори со анкетната и со Деловникот, но ваквите потези се прилично задоцнети. Тоа ќе биде поздравено, но заклучоците се веќе напишани: од партизација на администрацијата до недостаток на политички дијалог. Секогаш се гледа општата слика, работите не може да се сменат за два дена. Власта прави системска грешка. Шест месеци ги поттурнува проблемите и сега одеднаш покажува интерес за нивно разрешување. Тоа не е стил на работа во ЕУ“, вели Ружин додавајќи дека навиките мора да се менуваат и да се покаже искрена посветеност во надминувањето на проблемите.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, вели дека Брисел ќе го нотира настанот, но и тој нагласува дека сликата за демократизација не се поправа со еден потег. „Неопходна е постојана и посветена работа за демократизација на државата. За жал, не се гледа таква посветеност. Туку напротив Македонија се враќа во најтемните периоди од транзицијата“, смета Боцевски. Притоа напомнува дека треба да се менува свеста. „Демократизацијата на земјата не треба да се прави поради поправање на оцената во Брисел, туку поради нас самите, како процес што ќе рефлектира со поквалитетен живот“, нагласува тој.
Власта и опозицијата и вчера со часови се координираа кај спикерот, Трајко Вељаноски. Овој пат се обидуваа да најдат формула како да го стокмат Деловникот во пет минути до 12 часот. СДСМ бара опозицијата да има право да предлага по една точка на дневен ред на секоја седница и парламентарен механизам за контрола на трошењето на народните пари во владините институции. Владејачката партија се согласува опозицијата да има право да предложи точка на дневен ред, но само еднаш во текот на месецот. ВМРО-ДПМНЕ има резерва дали воспоставувањето парламентарен механизам за контрола на трошењето буџетски средства треба да се регулира со Деловникот или со други правни прописи.
Очекуваат опозицијата да покаже конструктивен пристап, бидејќи, како што велат, „доколку не се затвораат двете точки Македонија ризикува да добие негативен извештај на 27 јули во Брисел“. Во СДСМ тврдат дека нивна цел е да се дојде до договор за Деловникот, а не да опструираат.
Поранешниот претседател на Собранието, лидерот на НСДП - Тито Петковски, смета дека власта сака да ја подели одговорноста со опозицијата, за лошиот извештај од Брисел. За него формирањето анкетна комисија е чиста фарса, која треба да ги скрие лошите потези на Владата. „ ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да се подели одговорноста меѓу власта и опозицијата за недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ. Со анкетната комисија власта сака да го скрие и криминалот во РЕК ’Битола‘ каде што се проневерени околу седум милиони евра, да го стави во втор план донесувањето на измените на Законот за јавни набавки“, убеден е Петковски.
Завчера попладне СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, конечно, се договорија за составот на анкетната комисија. Доколку Собранието деновиве ја донесе одлуката за нејзиното основање, потоа таа треба да биде објавена во „Службен весник“. Од 1 август пратениците одат на одмор најмалку три недели. Па, во најдобра варијанта анкетната комисија би можела да почне да работи дури во почетокот на септември. |