Зголемени затворски казни за грабежот на Прокредит
Зголемени затворски казни за обвинетите за грабежот на експозитурата на Прокредит банка во центарот на Скопје. Ваква одлука донесе Апелациониот суд во Скопје, кој на тројца од обвинетите им ги зголеми казните од осум на 11 години затвор, додека на четвртообвинетиот му е потврдена казната затвор во траење од пет години, која му ја досуди Основниот суд Скопје 1.
Алепација ги зголеми затворските казни за првообвинетиот Малоку, како и за Авдиљ Тахири и Идриз Рустеми, кои се недостапни за органите на прогонот. Бислим Тахири, кој се товареше за помагање, беше осуден на затворска казна во траење од пет години и Апелација само ја потврди првостепената казна.
Повисокиот суд за овој предмет одлучувал на 28 јуни годинава, но одлуката вчера е испратена до Основниот суд Скопје 1 поради неопходноста документите да се преведат на албански јазик.
Судот на 10 февруари годинава ги осуди четворицата за вооружениот грабеж на банката во центарот на Скопје, во кој имаше и неколкумина повредени. Првообвинетиот Косовец Малоку, кој освен црногорско, има и хрватско државјанство, со насмевка на лицето ја прими пресудата, по што понуди милионски износ во замена за своето ослободување од притвор. Судот, сепак, не ги прифати понуденените милионски суми и гаранции.
Разбојништвото се случи на 10 април минатата година, во 9,30 часот, кога маскирани лица упаднаа во експозитурата и заканувајќи се со оружје ги испразнија сефовите. По престрелката пред банката, крадците успеаја да избегаат. Во грабежот беа однесени околу 50.000 евра, а пукотниците и ранувањето на двајца полицајци му дадоа драматичен белег на целиот случај.
На судскиот процес, првообвинетиот Флорим Малоку негираше каква и да е негова вмешаност во случајот и се претстави како многу богат бизнисмен што се згрозува од насилства. (Г.Д - Д.Т.) |