Жителите на Расадник ѓубрето од дома го фрлаат во други населби
Во населбата веќе три месеци е изградена инфраструктура, но нема контејнери
Снежана Калабакова
Жителите од новата населба Расадник мака мачат со исфрлањето на сметот. Пред новите станбени згради „Комунална хигиена“ се' е уште нема поставено контејнери. За да го фрлат ѓубрето,станарите секое утро мора да пешачат малку повеќе за да дојдат до контејнерите на улицата „Сава Ковачевиќ“. Други, пак, полните кеси со ѓубре ги носат во автомобилите, па одејќи кон работните места ги фрлаат во контејнерите некаде по пат.
Жителите од Расадник велат дека со ваков проблем се соочуваат повеќе од една година, откако се вселиле во становите. Се жалат дека од комуналното претпријатие најнапред се правдале дека нема да постават контејнери додека не се изгради инфраструктурата, затоа што камионите не можат да дојдат по кал до нивните згради. Сега ваквото образложение не држи, затоа што веќе три месеци инфраструктурата е изградена, односно улиците се веќе асфалтирани. Жителите се жалат дека некои нивни соседи си дозволуваат да фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат, бидејќи и контејнерите на „Сава Ковачевиќ“ често пати се преполни. Поради тоа се создаваат и диви депонии, кои на овие високи температури претставуваат извор на зараза.
Катерина Милевска, жителка на Расадник, вели дека секое утро во автомобилот мора да носи полни кеси со ѓубре за да ги исфрли попат во некој контејнер. „Ова морам да го правам затоа што повеќе не смееме да фрламе ѓубре и во контејнерите на ’Сава Ковачевиќ‘. Бев сведок на една вербална расправија на двајца соседи. Едниот се жалеше дека поради ѓубрето на жителите од Расадник им се полнат нивните контејнери. Безмалку вербалниот дуел на двајцата мажи не премина во физичка пресметка“, додава Милевска.
Од „Комунална хигиена“ знаат за проблемот и велат дека многу брзо ќе се реши. Веќе од понеделник жителите на Расадник ќе добијат триесет нови контејнери. „До крајот на неделава ќе завршат градежните зафати на местата на кои од понеделник ќе бидат поставени 30 нови контејнери во населбата Расадник. Во комуникација сме и со Општина Кисела Вода, со цел да се забрзаат работите на инвеститорот, бидејќи навистина, фактичката состојба зборува дека токму поради немањето контејнери во Расадник ни се преполнуваат и оние на улицата ’Сава Ковачевиќ‘“, вели Етула Амети, одговорен за опе��ативата во „Комунална хигиена“. |