Конечно ќе биде отстранета таблата од Камен мост
На таблата нема ниту еден податок за историјатот на мостот
Таблата до стражарницата на Камениот мост ќе биде наскоро отстранета, информира Министерството за култура. Иако изминаа четири месеци од завршувањето на градежните работи со кои стражарницата по шест години повторно си го зазеде своето место на мостот, металната табла со информации за инвеститорот и изведувачот, каква што има на секое градилиште, се' уште не е отстранета. Да биде работата поаспурдна, на таблата е испишан и датумот до кога треба да заврши реставрацијата на мостот, а кој е веќе одамна изминат.
Таблата е голема колку речиси половина стражарница и не содржи информации за Камениот мост, што логично, би ги интересирале граѓаните или туристите, туку технички податоци кои се веќе застарени и непотребни. На таблата пишува дека инвеститор на реставраторските работи на стражарницата е Владата, која за таа намена потрошила пет милиони денари, а изведувач на работите е фирмата „Металелектрик“.
Стражарницата, која се урна во Вардар при изведувањето на градежните работи во 2002 година на Камениот мост, се врати во мај годинава. Реставраторските работи на кулата ги направија екипите од Националниот конзерваторски центар. Повеќе од осумдесет отсто од камењата од урнатата стражарница се спасени и повторно вградени во кулата, а направена е и камена ограда околу стражарницата, плочник и столпчиња.
Иако уште минатата година беше најавено дека стражарницата ќе се обнови со донација од Турција, тоа не се случи поради проблемот со надзорот над изведувањето на градежните работи, кои домашните стручњаци не сакале да им го препуштат на колегите-донатори од Турција. Донацијата од 1,2 милиони евра, според најавите, ќе биде искористена за други проекти околу реконструкцијата на мостот. (С.Н.) |