Каматата за кредитите од ЕИБ - шест проценти
Кредитите од Европската инвестициска банка ќе можат да се добиваат со фиксна камата од 6 проценти, најави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, на завчерашната отворена седница на Владата.
Пешевски објасни дека е направено мало одложување во делот на измените кај кредитната линија од Македонската банка за поддршка на развојот, односно во делот на вториот пакет антикризни мерки и кредитната линија од ЕИБ од 100 милиони евра. „Во последниот пакет предвидовме лимитирање на каматната стапка од втората година да биде максимум 7,5 проценти, а во соработка со Министерството за финансии и МБПР направивме додатни анализи и донесовме измени каматата да се лимитира на 6 проценти. Поради тоа, преговорите со банките малку ги одложивме и ќе има една до две недели подолг рок, но во интерес на компаниите е да се даде производ на пазарот што е многу поконкурентен од постојниот и ќе придонесе за намалување на каматите“, рече Пешевски. (МИА) |