Земјоделски производи меѓу Македонија и Албанија без царина
Македонија и Албанија меѓусебно ќе узвезуваат или ќе извезуваат земјоделски производи без царина. Ова ќе следува откако ќе се верификува дополнителниот Протокол за натамошна либерализација во земјоделството во рамките на ЦЕФТА, а би требало да се применува од 1 јули годинава.
Министерот за економија Фатмир Бесими, кој вчера се сретнал со својот албански колега Дритан Прифти, се договорил да се забрза постапката за верификување на Протоколот.
„По спроведување на постапката за ратификација на Протоколот, Македонија и Албанија ќе можат целокупната трговија со земјоделски производи да ја вршат без царина. Двете земји во рамките на ЦЕФТА имаат либерализирано 54 отсто од трговијата со земјоделски производи. Овој дополнителен Протокол, кој ќе постане составен дел од ЦЕФТА Договорот по негова ратификација, ќе овозможи останатите 46 проценти од земјоделските производи, кои се предмет на МФН (полна царина) или квота, да се либерализираат односно да се увезуваат на двете страни без царина“, соопштуваат од Министерството.
Двајцата министри разговарале и за зајакнување на соработката во енергетиката и развојот на инфраструктурата за Коридорот 8. (Ек.Р.) |