Грција да избира меѓу банкротство и излез од еврозоната
Земјите од еврозоната одлучија сите итни кредити за Грција да бидат отпуштани како и стандардните спасувачки планови
Лондон - Во сегашната тешка должничка криза во која се наоѓа, Грција и нејзината влада може да избираат само уште меѓу банкротството и излегувањето од еврозоната, изјави за Би-Би-Си финансискиот експерт Сајмон Џонсон, поранешен висок функционер на ММФ.
Тој смета дека владата во Атина би можела да се одлучи и за натамошно штедење и за уште подрастично скратување на буџетските трошоци, до ниво што досега никој во светот не го направил, но дека тоа тешко ќе може да помине кај грчкото население, кое и сега се противи на многубројните ограничувања.
Според Џонсон, грчката влада може да прогласи банкрот, што „поелегантно речено“ се нарекува репрограмирање на долговите, што со помош на ЕУ и на Меѓународниот монетарен фонд може да се изведе прилично „достоинствено“. Втората опција е излегување од еврозоната и откажување од еврото, што може да изгледа привлечно, но што за овој меѓународен експерт „не е многу препорачливо“, затоа што ќе предизвика „трауматизација на Грција“, а и може да се рашири како вирус врз другите земји-членки на зоната на заедничката европска валута.
Изјавата на Џонсон доаѓа по реакцијата на гувернерот на Централната европска банка, Жан Клод Трише, кој рече дека Грција нема да дојде во ситуација да не може да ги сервисира своите долгови. Во април и во мај треба да се платат 20 милијарди евра, каматите на грчките обврзници достигнаа рекордна височина, што ги прават скапи за инвеститорите, додека забрзано паѓа вредноста на акциите на грчките, но и на европските банки.
За Би-Би-Си овој експерт изјави дека европскиот гувернер греши во своите процени, па дека репрограмирањето (банкротот) е најмалку што може да се направи, затоа што тој смета дека Грција не ќе може да ги плаќа своите долгови. Тоа досега обично им се случуваше на земјите во развој, но на крајот од деведесеттите години и на Аргентина, Мексико и на Русија.
Според Џонсон, впечаток е дека нема политичка волја за спасување на Грција.
Но, деновиве светските медиуми јавија дека Еврогрупата ги договори условите за евентуален план за спас на грчката економија. „Беше постигната спогодба“, изјави извор, по средбата во Брисел на заменици-министрите за финансии и гувернерите на централните банки на 16држави од еврозоната.
Земјите од еврозоната одлучија сите итни кредити за Грција да бидат отпуштани во услови што се применуваат и при стандардните спасувачки планови на Меѓународниот монетарен фонд. Оваа вест доведе до привремено олеснување на кредитните пазари, а курсот на еврото кон доларот се зголеми за еден процент. (МИА) |