На Онкологија терапијата доцни, но се делат хонорари
Наградувањето се прави во услови кога клиниката не може да ги покрие редовните терапии на пациентите
Јасмина Јовановска
Клиниката за онкологија повторно им дели хонорари на вработените од парите собрани од приватни пациенти, а кои се лекуваат во редовно работно време. Наградувањето се прави во услови кога клиниката не може во целост да ги покрие редовните терапии на пациентите и тековното одржување на болницата, а клиниката има и долг од околу 680.000 евра. Пресметките говорат дека клиниката месечно издвојува околу 50.000 евра за бонуси на вработените, а хонорарите, како што дознаваме, се делат веќе втор месец. За да се избегне поголем револт кај пациентите поради недостиг од цитостатици, набавката на лекови се врши секој ден, по мали количини колку да се гасне пожарот или, пак, најмногу еднаш неделно. Пациентите реагираат дека се случува многу ретко навреме да ја примат закажаната терапија, па затоа се принудени и по неколку пати да се враќаат на клиниката.
„Не знам кога последен пат сум примила цитостатик во закажаниот термин. Кога и до дојдам, ми велат сега нема, се чека за некој ден да стаса цитостатикот. Обично, минуваат по две до три недели за да ја примам терапијата“, вели една пациентка.
Болните се жалат и дека најчесто до неопходната терапија доаѓаат откако ќе се побунат и ќе се заканат дека ќе се жалат во Министерството за здравство. Уште велат дека клиниката ги набавува цитостатиците откако ќе се појави недостиг, а не порачките навреме да се планираат.
Ваквото малтретирање е голем проблем за пациентите што не се од Скопје, кои имаат дополнителен трошок за превоз, што мора да го платат кога повторно ќе дојдат да ја бараат терапијата.
Награди и тоа во огромни суми на оваа клиника се делеа и пред речиси половина година, и тоа повторно од парите на пациентите што се лекуваат приватно. По критиките во јавноста, ваквата практика беше запрена. Но, неофицијални информации велат дека наградувањето било ставено во мирување до пред два месеца, откога повторно се делат хонорарите, но овој пат во помали суми.
Пациентите се жалат дека се оштетени зашто приватните пациенти се прегледуваат и се лекуваат во редовно работно време. Револтот е уште голем и поради тоа што приватните пациенти имаат предност за зрачна терапија во однос на осигурениците на Фондот.
Од делењето на хонорарите незадоволни се и вработените. Тие сметаат дека бонусите се делат на нетранспарентен начин и без никаков критериум, со што се наградуваат речиси подеднакво од вратар до професор.
Од вчера на клиниката не работат ни лифтовите, па болните по зрачната терапија, иако исцрпени, мора да се качуваат пешки до своите болнички соби.
Од Клиниката за онкологија веќе четири дена нема никакво објаснување, зошто во услови на криза се продолжува со делење хонорари за вработените. Директорката на клиниката, д-р Симонида Црвенкова, иако од понеделникот писмено ги доби прашањата, не најде време да одговори дали парите од приватните пациенти не можат да се пренаменат за други потреби на клиниката. Д-р Црвенкова не одговори ни по интервенцијата од Министерството за здравство. Таму од неа добиле објаснување дека нема време зашто е на стручен конгрес. |