Во Билјанини Извори царуваат бактерии
Водата е со променлив квалитет и не се препорачува за пиење
Симон Илиевски
ОХРИД - Водата од Билјанини Извори во Охрид е загадена и не се препорачува за пиење. Анализите на Заводот за јавно здравје од шест мостри земени во април и мај покажуваат присуство на бактерии. Забранета за употреба е и изворската вода во црквата „Света Петка“ во манастирскиот комплекс „Свети Наум“, бидејќи анализите постојано покажуваат присуство на бактерии. Површинската вода на Охридско Езеро, според Заводот за јавно здравје, е од прва и втора класа и е безбедна за капење.
„Водата од Билјанините Извори е со променлив квалитет и не се знае кога има присуство на бактерии. Луѓето треба да бидат претпазливи и да не ја употребуваат водата за пиење“, предупредува Сашо Точко од Заводот за јавно здравје од Охрид. Ваквата состојба се должи на врнежите и зголемување на подземните води кои поминуваат низ септичките јами во блиските населени места. Експертите велат дека нема место за паника, бидејќи загадувањето е повремено, но поради здравјето на граѓаните и имиџот на Охрид, мора да се најде брзо решение на овој проблем.
Во јавноста се шпекулираше дека излевањето на колекторот за време на поплавите ќе предизвика зголемено загад��вање на Охридското Езеро, но резултатите од контролата на водата го покажаа спротивното. Анализите на примероците земени од 28 места на потегот од Свети Наум до Радожда покажуваат дека езерската вода е безбедна за употреба. Од трета и од четврта класа се само водите во реките што се влеваат во езерото.
„Резултатите покажуваат дека во најголем дел од анализираните примероци, или 96 проценти од мострите се со квалитет од прва и втора класа. Само еден примерок кај сливот на реката Грашница е од трета категорија“, објаснува Точко. Според него, состојбата е подобрена во споредба со минатата година, бидејќи поради повисокото ниво и испуштањето на поголеми количини преку испустот на Црн Дрим, дошло до поголемо струење, оксидација и прочистување на водата во езерото.
Водата од градските водоводи во Охрид, Струга и со Дебар е со добар квалитет, велат испитувањата на Заводот за јавно здравје. Оттаму напоменуваат дека итно мора да се преземат мерки за дезинфекција на селските водоводи каде што последните мерења покажале променлив квалитет на водата за пиење. |