Аптеките добија пари за лекови
Повеќето аптеки ја добиле финансиската инфузија за набавка на лекови од позитивната листа. Доделени биле околу 30 милиони денари или половина милион евра, од кои 16 милиони денари се за аптеки во Скопје, а останатите за други 11 града. Со ова се засилени квотите на вкупно 408 аптеки, што е околу 65 отсто од сите аптеки во земјава кои издаваат лекови од позитивната листа. Иако раководителот на фармацевтскиот сектор во ФЗО, Кристина Христова, потврди дека квотите на аптеките се вратија речиси на ниво од пред примената на новиот правилник за прераспределба на парите за лекови од позитивната листа, ФЗО не признава дека парите биле скратени.
Фондот излезе со збунувачка математика негирајќи дека со правилникот биле скратени парите за лекови. „Точно е дека за три месеци биле одредени околу 90 милиони денари помалку, но не се скратени, туку се пари за скапите лекови“, вели Христова. Таа не одговори како може за скапи лекови да има 90 милиони за три месеци, кога Фондот за цела година одреди 100 милиони денари за скапие лекови. Од ФЗО се изненадени и од реакциите на Фармацевтската комора дека експериментот на Фондот пропаднал. Христова не објасни зошто се појави недостиг од лекови во аптеките, туку се обиде вината да ја префрли на аптеките кои работеле незаконски. Од 50 аптеки, казнети се 10, бидејќи иако имале квота не издавале лекови, и издавале лековие по стари повисоки цени. Христова додаде дека правилникот е флексибилен во однос на парите за лекови и потрошувачката на аптеките. (Ј.Ј.) |