Ураганот од Њу Орлеанс
Наум Котевски
„МВП, МВП, МВП.....“, се урлаше хорски во никогаш пополната и пеколна сала „Борис Трајковски“ на неколку минути пред крајот на блескавата партија на македонските кошаркари против Велика Британија. Факт е дека Македонија на тој клучен натпревар делуваше како тим, ама капата беше симната само за еден. Речиси осумилјадн��то жири, сепак, ја крена десетката за пируетите на Бо Лестер Мекејлеб, новиот организатор на играта на националниот состав, новиот водач, совршената замена за легендата на нашата кошарка, а сега директор на репрезентацијата, Врбица Стефанов.
Не залудно се случи таква инстантна синергија меѓу Мекејлеб и публиката, во чија природа бездруго е секогаш под лупа да го стави комплетниот човечки материјал на секој играч. На некој му треба време да ја докаже својата добра намера и, конечно, да не биде погрешно разбран, но не и на членот на најдобрата петорка минатава сезона во Евролигата. Директно, без многу филозофија и трикови за додворување, без консултација на Јин и Јанг, во четири очи на сите им кажа дека не е некој си таму Американец - Мохиканец, или алтернативен турист, кој е дојден тука да ги види убавините на земјата за кои дознал преку Си-Ен-Ен. Седмиот Американец, или седумката на лото за нашата репрезентација (по Џонс (почина од срцев удар), Мејси, Вашингтон, Стак, Вилкинсон, Грин) дрско и со голема самодоверба дефинитивно ги исполни елементарните услови за да му се верува - пожртвуваност, желба, чесност, скромност. Секако игра за себе и личната афирмација (тоа човечки го призна уште на првата прес-конференција - со македонски пасош секаде во Европа повеќе не се смета за не-Еевропеец), но и за репрезентацијата. Во петте квалификациски натпревари тој постигна 141 кош, убивајќи ја и последната честичка сомнеж кај оние кои велеа: „А бре, тој сигурно не знае ни кучето да го организира во дворот, а камоли една репрезентација“.
Вистина, оваа досетка повеќе беше дел од оние кои мислат дека кошарката се игра со шест во поле (такви ги има многу, па затоа и често можеше да се слушне нивното „трескање“), и кои без разлика на тоа познавање одамна итро сфатиле дека на битен кошаркарски меч мора да се појават во „Борис Трајковски“, затоа што, ете, тогаш моќта на камерите била најсилна. Оние, пак, кои ревносно го следат овој спорт знаеја добро какво гориво доаѓа на нашиот кошаркарски пазар.
Инаку, кариерата Мекејлеб ја почна во родниот Њу Орлеанс, а во Европа дојде пред две години. Практично професионалец е од 2008, а пред тоа играше за Универзитетот во Њу Орлеанс. За време на четиригодишните студии стана најефикасниот стрелец во историјата на Универзитетот, но и во конференцијата во која настапуваше. И покрај добрите игри на колеџот, Мекејлеб е свесен дека со својот начин на игра може подобро да се снајде во Европа.
Колку и да звучи грубо и навредливо констатацијата: „Во САД такви играчи имаш колку сакаш“ и нему му беше кристално јасна.
Како и да е, Мекејлеб во Европа најпрвин играше за просечниот турски Мерсин. Во својата дебитантска сезона на крајот беше 10. стрелец во турскиот шампионат со 17,4 коша по меч и осми асистент (4,8 асистенции) и беше повикан да учествува на Ол стар натпреварот. Наредната година замина во Партизан, кога практично почнуваат неговите славни денови. Одигра неверојатна сезона во Евролигата со 13,4 поени во просек и имаше голем удел во огромниот успех и пласманот на црно-белите во фајнл форот. Признава дека токму во Белград, поточно од маестро Душко Вујошевиќ научил како да ја контролира играта.
„Тој многу ми помогна. Вујошевиќ секогаш го форсира тимот, дури и ако некој одигра феноменално нема да го фали, секогаш ја гледа тимската игра. Морав брзо да учам. Партизан беше првиот мој поголем клуб. Кога бев на колеџ играв плејмејкер две години, а потоа исто толку и шутер. Порано имав проблем да ја контролирам играта на начин на кој тренерот сака. Вујошевиќ ми помогна да напредувам во тој поглед“, ќе каже Мекејлеб, кој атмосферата на последниот меч со Велика Британија го потсети на натпреварите во „Пионир“ и „Белградска Арена“.
„Никој во САД не може да замисли како се навива тука на Балканот. И тешко е да се опише. Но, барем мојата мајка знае, бидејќи ги гледа моите натпревари“.
Неговото семејство се' уште живее во Њу Орлеанс. Токму од неговиот татко му е прекарот Бо, бидејќи неверојатно личи на него. „И тој беше кошаркар и беше подобар од мене во одбраната“, открива Мекејлеб, кој за разлика од натпреварите за Македонија, кога е буден со ококорени очи, го има преспано ураганот Катрина, најскапата хуманитарна катастрофа, како што се проценува, во историјата на САД!
„Верувале или не, ураганот го преспав во куќата на мојата мајка. Додека попуштаа браните кои го штитеа градот јас бев во сон, за наредниот ден да станам свесен дека 80 отсто од Њу Орлеанс е буквално под вода. Тотален хаос по кој јас и мајка ми заминавме во Хјустон. Тогаш бев на колеџ, ама поради повредата не играв кошарка“, се присети Мекејлеб на тешките денови.
Но истите, вели, бргу ги заборава со секојдневните кошаркарски предизвици, кои засега совршено ги решава. Неговата експлозивност, брзина на отворен простор, исклучителен прв чекор, луциден дриблинг и, секако, американската крв, која автоматски го прави гурман на забивањето (и тоа со две раце, иако има 183см) од нареднава сезона ќе треба да и помогнат на Сиена Монтепаски, за што поголем успех на европската сцена. Иако, за него заинтересиран беше и Чави Пасквал од Барса, како замена за Јака Лаковиќ на позицијата организатор.
А, Мекејлебовски (карактеристичната додавка во македонските презимиња совршено се поклопува со Американецот, кој мора да признаеме дека на материјално и духовно сиромашнава земја и даде некакво лепче) ќе треба да ни помогне и на ЕП во Литванија, каде сме веќе речиси пласирани.
Колку да не биде се кажано со глорифицирачки галоп, што е нели, новинарски, ќе побараме влакно во јајцето и ќе кажеме дека Мекејлеб често знае да се залета во противничката одбрана и да направи некои нерезонски потези. За него НБА-скаутот Џонатан Џивони, кој исклучително го цени, покрај пофалбите ќе каже: „Не може да се каже дека е себичен, ама првата работа која ја прави во нападот е прво да се организира самиот себе, а потоа ако тоа не му успее гледа како да создаде шанса за шут за другите“.
А, тоа бездруго е одлика на сите големи кошаркари. Мекејлеб недвосмислено е тоа. Сака да се покаже, ама не е удавен во сопствениот егоизам и постојаното креирање само на сопствената иднина која ветува. Тоа во бикот во хороскоп и во бикот на теренот (така некои добронамерно ја дефинираат неговата неспорна физичка сила) го увиде и Врбица Стефанов.
„Среќни сме што имаме таков играч. Тој бргу се вклопи. Многу е битно што во оваа репрезентација владее огромно другарство. Атмосферата и односот меѓу играчите се такви што секој нов играч веднаш се аклиматизира. Се надеваме дека се ќе остане според договорот и дека Мекејлеб ќе ни помогне и на ЕП“, посочи Стефанов. |