Стартот на ЕП - клучен за ватерполистите
Роберт Димитриевски
Првите три натпревари во рамките на групата Б на 29. Европско првенство во Загреб што ќе се одржи од 29 август до 11 септември ќе бидат клучни за амбициите на македонската ватерполо репрезентација да избори подобар пласман од осмото место во дебито на еврошампионатите пред две години во Малага. Избраниците на селекторот Стеван Нонковиќ в недела од 11,30 ч. ќе стартуваат против Русија, в понеделник од 18 ч. ќе ги одмерат силите со Грција, а, по слободниот ден, в среда од 13 ч. ќе се сретнат со Германија. Во тие три дуела ќе се бара шансата за освојување бодови, бидејќи би било рамно на сензација да се остане непоразен во последните два меча во групата - на 3 септември од 10 ч. против светскиот првак Србија и два дена подоцна од 16,30 ч. против олимпискиот шампион Унгарија. Трите првопласирани од двете групи (во другата се Црна Гора, Хрватска, Италија, Романија, Шпанија и дебитантот Турција) ќе разигруваат за медалите, а преостанатите шест тима ќе играат за пласман од седмото до 12. место.
„Се наоѓаме во навистина силна група со светски и со европски прваци, но верувам дека имаме квалитет за да забележиме подобар пласман од тој во Малага, каде што бевме осми“, оптимист е Нонковиќ.
„Оваа селекција веќе неколку години е заедно, има две големи натпреварувања зад себе и од таа гледна точка искуството и доброто меѓусебно познавање ќе ни бидат предност. Имаме квалитетни противници во групата, но веруваме и во сопствените квалитети. Очекувам и поддршка од трибините, имајќи предвид дека петмина сме од Хрватска што настапуваме за репрезентацијата на Македонија, која ја чувствуваме како наша втора татковина“, вели голманот Далибор Перчиниќ, кој живее во Загреб.
Тринаесеттемина ватерполисти што ги селектира Нонковиќ по петдневните подготовки во Шибеник од вчера се преселија во главниот град на Хрватска, каде што се предвидени две контролни средби од затворен тип со домашната репрезентација до почетокот на првенството. Боите на Македонија ќе ги бранат Перчиниќ, Рачуница, Вуксановиќ, Делаш, Босанчиќ, Кречковиќ, Ивовиќ, Бркиќ, Димовски, Латковиќ, Петровиќ, Бениќ и Јаневски. Голем хендикеп е отсуството на најдобриот стрелец во првата италијанска лига Горан Крстоношиќ и на јунакот во победата над Грција во Светската лига, Небојша Милиќ.
Од ривалите во групата Македонија досега нема играно само со Унгарија. Најчесто се има среќавано со Русија, и тоа шест пати, при што има по една победа (13:11 на ЕП во Малага) и реми (9:9 на истото ЕП), како и четири порази (7:9 на олимписките квалификации во Братислава, 8:10 во скопските квалификации за минатото ЕП, 3:4 во Скопје и 8:16 во годинашната Светска лига). Против Германците имаме три пораза (8:13 на ОИ-квалификациите, 4:9 на дополнителните ОИ-квалификации во Орадеа и 5:7 на ЕП), а со Грците победа (7:6) и пораз (6:8) во Светска лига и пораз (5:11) во квалификациите во Волос за ова ЕП. Единствениот дуел со Србија, одигран на ЕП во Малага, заврши со победа на северниот сосед од 23:6.
Почнувајќи од Малага 2008, ова е трет голем ватерполо собир за Македонија во низа. Минатата година на СП во Рим македонските ватерполисти го освоија 14. место.
Европската титула во Загреб ќе ја брани Црна Гора, која на стартот ќе се судри со домаќинот Хрватска. Петте најдобри селекции директно ќе патуваат на следното ЕП 2012 во Холандија, а преостанатите за тоа ќе мора да се изборат преку новиот циклус на квалификации со 20 репрезентации поделени во шест групи, од кои четири со по четири тима и две со по три. Ќе се игра по принципот секој со секого дома и на гости, по што двете првопласирани од секоја група ќе продолжат во вториот круг од квалификациите. |