Грција избегна предвремени избори
Единствен сигурен победник во овој круг е молкот и изненадувачки малиот одѕив на граѓаните што ги бојкотираа изборите
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Јоргос Папандреу одлучи да не се откаже од премиерското место по резултатите од првиот круг на локалните избори во Грција. Единствен сигурен победник во овој круг е молкот со изненадувачки мал одѕив од претходните години. Останати сигурни победници се' уште нема, но познати се предностите на партиите во одредени периферии и општини. Така, на пример, атинската префектура Атики според прелиминарните резултати ќе ја води кандидат на ПАСОК, Јанис Сгурос, но затоа, пак, префектурата Централна Македонија и општините Солун и Атина се обоени во сината боја на Нова демократија.
Власта над Централна Македонија според првичните резултати ќе ја има кандидатот на Нова демократија, Панајотис Псомијадис, кој веќе долго време има клучна улога во овој регион. Псомијадис е познат според своите радикални ставови во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција, кои и беа неговиот најголем адут во изборната кампања на локалните избори.
Владата на ПАСОК продолжува со економските мерки и реформи во државата, исто како до вчера да не постоеше кнедлата во грло наречена закана за предвремени избори, која ја најави самиот премиер во неговото предизборно интервју пред две недели. Неговата изјава дека продолжуваат со работа многумина од граѓаните ја протолкуваа како знак дека за премиерот народот ги прифаќа економските мерки на владата на ПАСОК и веројатно би требале да очекуваат и ред нови, можеби и уште построги мерки.
Дали Папандреу е задоволен или едноставно не е премногу разочаран од резултатите останува да се види по конечниот втор круг на изборите, кој е закажан за следната недела, 14 ноември. Првичните резултати покажаа благо водство на кандидатите на ПАСОК пред Нова демократија во седум од 13 грчки префектури.
За победник на изборите никој не ни говореше во Грција по објавувањето на резултатите. Најголем победник беше молкот на граѓаните, ако се земе предвид дека повеќе од 40 отсто од граѓаните одлучија да не гласаат и со молк да го искажат својот став спрема економските мерки, политичките пресметки меѓу опозицијата и власта, ветувањата на партиите и за иднината на општините, но и за иднината на државата. Најмал одѕив имаше во регионот на Северен Егеј каде што едвај 40 отсто од запишаните граѓани излегоа да гласаат, додека најмногу гласаа жителите на островот Крит, каде што беше забележан одѕив од 67 отсто на гласачите. За периферијата Атики гласаа само 55 отсто од запишаните гласачи.
По целата агонија низ која ги стави граѓаните изминатите две недели, само еден час по официјалното објавување на првичните резултати кои изгледаа позитивни за ПАСОК, грчкиот премиер официјално изјави дека продолжува со работата и спроведување на реформите како и досега. Премиерот вети дека ќе се залага за добра соработка со новите градоначалници и префекти и потсети дека работата и реформите за спас на државата се тешки и за нив мора покрај владата активно да работат и граѓаните. „Продолжуваме со нашата работа и спасувањето на државата. Нема лесен пат и магични рецепти. Треба да се бориме со сите сили. Овие реформи се единствениот начин да ја спасиме и да ја промениме нашата држава за да стане таква што ќе се гордееме со неа“, истакна Папандреу, поставувајќи цел веќе од 2012 година Грција да излезе од криза и да продолжи со развојот како пред кризата.
Дебатите што се разврзаа по пребројувањето на гласовите, главно, се фокусираа на тоа дали заканата на Папандреу за предвремени избори беше блеф само за да се придобијат повеќе гласачи. Некои сметаат дека благодарение на заканата на Папандреу „Или гласајте за ПАСОК и поддржете ги економските мерки што ги воведовме досега или одиме на предвремени избори“, ПАСОК успеа да добие повеќе гласови отколку што беше очекувано.
Дали најавата за предвремени избори беше само многу врева за ништо се' уште не е целосно јасно. Никој не може да негира дека сигурно имала влијание на одреден процент на граѓаните, бидејќи резултатите на предизборните анкети што ги спроведоа медиумите, а беа објавени веднаш по затворањето на гласачките места, покажаа дека 89 отсто од гласачите не сакале предвремени избори. Дел од аналитичарите тврдат дека целата закана на Папандреу била блеф и се повикуваат на резултатите што ја обоија претежно сино гласачката карта на Грција, укажувајќи дека Папандреу не планирал предвремени избори.
Лидерот на опозициската Нова демократија, Адонис Самарас, по резултатите изјави дека слават победа над ПАСОК по само една година од поразот на парламентарните избори. Довербата на гласачите во општините каде што води Нова демократија, но и малиот одѕив и молкот на граѓаните за Самарас е реакција на заканите на Папандреу.
Покрај Нова демократија, сите останати партии што учествуваа во изборите го повикаа Папандреу да биде реален и да не го игнорира молкот на граѓаните кои одлучија да не гласаат. За сите нив ова е сигурен знак дека треба да се промени планот за спроведување на економските мерки за штедење и да се направи нов план, кој барем малку ќе го олесни стегнатиот ремен на граѓаните во последните шест месеци.
Народот, исто така, поделен од одлуката на Папандреу. Веднаш по затворањето на гласачките кутии лојалните поддржувачи на Папандреу почнаа да се движат низ градот, распрашувајќи се каде ќе го најдат премиерот, дали во премиерското седиште Мегаро Максиму или, пак, во прес-центарот Запио. „Го поддржувам Папандреу и ПАСОК целиот живот и немам намера сега кога е најтешко да престанам. Очекувам предвремени избори, но и да дојде до нив сигурна сум дека повторно тој ќе биде премиер“, ни изјави една средовечна симпатизерка на грчкиот премиер, која се распрашуваше дали Папандреу ќе дојде да даде изјава во прес-центарот Запио. Оние што беа разочарани од неговата најава за предвремени избори беа разочарани од резултатите и коментираа дека очекувале поголем молк и бојкот за да се пренесе пораката. „Такви сме ние како народ. Кога нешто не е ка��о што треба, гласаме за партијата во опозиција. Потоа тие доаѓаат на власт и повторно ништо не се менува, па гласаме за другите што сме ги одбиле минатиот пат“, ни изјавија 28-годишните Кристина и Марија следниот ден по изборите, коментирајќи дека сите во Грција треба да се соочат со фактот дека економските проблеми во државата се наследени од генерации наназад и ќе треба уште многу работа за комплетно да се решат. |