Највисокиот Исус се крева во Полска
ВАРШАВА - Огромна статуа на Исус, за која се тврди дека ќе биде највисока во светот, се подигна во еден полски град на западот од земјата. Исус, кралот во Швјебоџин, е висок 33 метри, еден метар за секоја година од животот на Исус, вели Селвестер Заваџки, свештеникот што ја креираше статуата. Меѓутоа, други локални лица посочија дека статуата е висока 51 метар, ако се смета и постаментот на кој е поставен, како и златната круна на главата. Тие додаваат дека оваа статуа е повисока отколку познатите статуи на Исус во Боливија и во Бразил. Вкупната висина на Кристо де ла Конкорбија во Кочабамба, Боливија, е 40,4 метри, додека статуата на Исус Спасителот во Рио де Жанеиро е 38 метри.
Стотици лица се собраа во саботата да го гледаат огромниот кран како го крева горниот дел од телото, како рацете и рамената полека ги поставува на телото. Толпата почна да ракоплеска, а некои се молеа кога градежните работници, конечно, ја поставија главата, крунисана со златна кралска круна. „Никогаш не сум бил посреќен од денес“, вели отецот Заваџки (78). „Ова е кулминација на моето животно дело како свештеник“. Статуата беше финансирана од приватни донации од цел свет, иако отецот Заваџки одби да каже колку чини.
Градските официјални лица сега се надеваат дека статуата ќе го промовира градот и ќе донесе туристи од цел свет. Меѓутоа, некои локални жители ја опишаа статуата како невкусна, велејќи дека парите ќе беше подобро да се потрошеа на социјални проекти во градот. (Би-Би-Си) |