ФАО ќе помага во управување со државното земјоделско земјиште
Преглед и ревизија на политиките и на Законот за управување со државното земјоделско земјиште со цел да се обезбеди поголема транспарентност и подобрување на механизмите за давање на државното земјоделско земјиште под закуп е целта на Договорот за почнување на Проектот за поддршка во управувањето со државното земјоделско земјиште. Договорот за двегодишен проект вреден 340.000 американски долари вчера го потпишаа министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, и Фернанда Гуериери од Организацијата за земјоделство и храна на ОН (ФАО).
Проектот ќе придонесе за подобрување на управувањето со земјоделското земјиште, за поефикасно водење на земјишната политика и за подобро функционирање на пазарот со земјиште.
„Прашањата поврзани со земјиштето се многу значајни и за развој на руралните заедници и за јакнењето на способностите за управување со државното земјоделско земјиште“, рече министерот Димовски по потпишувањето на Договорот.
Согласно со документот, ФАО ќе обезбеди поддршка во процесот на трансформација на Секторот за земјишна политика во компетентно, професионално тело за ефикасно и квалитетно извршување на утврдените задачи за управување и заштита на јавниот интерес на државното земјоделско земјиште, планирање и спроведување на механизмите за ефикасно управување со земјоделско земјиште.
„Заедно со македонската Влада, ФАО го идентификува ефикасното и транспарентно управување со земјиштето како основен предуслов за развој на земјоделството. Затоа овој проект што ќе ги обезбеди елементите и капацитетите за ефикасна употреба на земјоделското земјиште е особено соодветен за националната стратегија за рурален развој. Целта е земјоделците да станат самовработени управувачи способни да се приспособат на тековните предизвици во земјоделскиот сектор“, напомена Гуериери.
Како што информира министерот Димовски, досега под закуп се дадени 120.000 хектари државно земјоделско земјиште, а со годинашниот Акциски план ќе се понудат уште 17.800 хектари. (МИА) |