Со сеење страв не се чува власта, обвини коалицијата „Сонце“
Потсетување до власта дека токму пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала кога требаше да се гласа за законот за стечајните работници. Митинг на коалицијата „Сонце“ во Битола
Тензијата во Битола ја подигнаа темите за кривичните гонења на Шекеринска и на Макрадули
БИТОЛА – „Почнаа и ќе завршат на ист начин. Почнаа со сеење страв, насилство, со кривични пријави. Така и ќе завршат“, порача лидерката на СДСМ, Радмила Шекеринска, од митингот на коалицијата „Сонце“ што се одржа завчера во Битола.
Тензијата ја подигнаа темите за кривичните гонења на Шекеринска и на носителот на изборната листа во „петката“, Јани Макрадули, како и потпишувањето на договорот меѓу Владата и стечајците.
На плоштадот во Битола на видеобим беше прикажан новинарски прилог на Телевизија Канал 5 од пред една и пол година за да се потсети власта дека токму пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала кога требаше да се гласа за законот за стечајните работници.
„Пред една и пол година, кога ја изгубивте вербата, рековте Радмила Шекеринска била криминалец, трошела европски и светски пари. Но, тогаш си натоваривте голем број непријатели од Европа кои ве предупредија да не го мамите сопствениот народ. Така кривичната пријава исчезна, ја заборавија. Ама јас не заборавам и велам секој што ќе му се заканува на македонскиот граѓанин мора да одговара. Затоа ја повикувам таа што се претставува како министерка за внатрешни работи, а не знае дека е на заминување, да дојде и да почне да пишува кривични пријави“, нагласи Шекеринска.
По ова на присутните им се обрати лидерот на НСДП, Тито Петковски, кој упати жестоки критики на сметка на Никола Груевски. „Само душата потешко се испушта од власта, а Никола прави се' само власта да не ја испушти. Без срам и перде потпиша договор со луѓето што ги држеше како заложници една година во паркот пред Собранието. За повторно да ги излаже. По тоа се гледа дека е во паника. Ваквиот чин е срам за секоја влада“, нагласи Петковски.
Носителот на листата во Петтата изборна единица, Макрадули, по изречената пресуда за клевета пред неколку дена, од Битола јавно го прозва министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и рече дека нема да го замолчат со изречената пресуда.
„Илјада евра ќе чувам и ќе штедам. Ќе ви требаат за цигари. Ќе ви ги носам секој ден по 20, онака како што одлучивте. Нема да молчам, ќе се борам за интересите на Македонија“, потенцира Макрадули.
Првиот либералдемократ Јован Манасиевски отворено ја праша Јанкуловска дали ќе ја апси Шекеринска. „Наместо да поднесуваш кривични пријави против лидери на политички партии, подобро е да расчистиш со 500 бандити во МВР кои кршат штабови и тепаат новинари по скопските улици, а со тоа го валкаат угледот на 12.000 чесни полицајци“, нагласи Манасиевски. (А.Б.) |