Епидемија од неплатени сметки
Секој трет Грк нема пари да плати сметки за струја и за телефон
Темна и студена зима очекуваат стотици грчки семејства поради неможноста да ги платат сметките за домаќинство. Според информациите на грчкиот бизнис-весник „Имерисија“, секој трет жител на Атина, односно 31.18 проценти не се во можност да ги платат високите сметки за струја и потенцијално стравуваат дека може да останат без струја и греење во наредниот период.
Податоците покажуваат дека во државата 27.6 отсто од граѓаните немаат пари за сметките за струја, вода и телефон, за разлика од истиот месец минатата година кога само 19.9 отсто не ги имале платено сметките. Во јуни годинава повеќе од еден милион потрошувачи не ги платиле сметките за струја, додека, пак, бројот на неплатени сметки за телефон го надмина половина милион Грци. Според податоците од грчката компанија за електродистрибуција, бројот на неплатени сметки годинава е зголемен за 168 проценти во споредба со 2004 година. Вкупната сума од неплатени сметки до јуни годинава е 237 милиони евра, од кои 56 милиони се долгови на потрошувачи што се исклучени поради неплаќање. Од грчката електродистрибуција велат дека се зголемува ризикот за исклучување на цели згради поради големи неплатени сметки од неколку станари.
Граѓа��ите реагираат, и оние што се' уште можат да ги плаќаат сметките, но и оние што веќе со месеци не можат да спојат крај со крај со намалените плати или изгубена една плата поради отпуштање на член во семејството. „Да не' исклучат, бидејќи не плаќал некој друг во зградата? Па плаќаме толку високи сметки, од јануари очекуваме и поскапување и згора на се' да не' исклучат? Па не ретко ни се случувало да ни стигаат сметки за струја од 200 до 300 евра поскапи од реалната цена и да се караме за да ги изменат без да ни се извинат поради грешката. Некој треба добро да размисли до кој степен може да ги соголи граѓаните со сметките за струја“, реагира една 35-годишна жителка на Солун.
Меѓутоа, како што обелоденува весникот, додека граѓаните стравуваат од мрак поради неплатени сметки, државните институции не се потресуваат за фактот дека должат околу 100 милиони евра на компанијата за електродистрибуција. “Нормално додека на сите граѓани им се гаси струјата ако не платат сметки во рок од 100 дена, државните институции уживаат азил и никој не ги принудува да платат сметки“, коментираат во „Имирисија“. Како еден од главните должници се споменува Министерството за транспорт и врски со долгови уште од 1988 година, како и Министерство за одбрана и за финансии. (М.П.) |