Доматите донесоа профит, грозјето во була
Земјоделците прават математика кое производство носи ќар, а кое загуба
Александрија Стевковска
Производителите на домати, пиперки и на краставици добро поминаа оваа година. На нивните конта „шушнаа“ многу пари од пласманот на овие производи на пазарот, па тие финансиски потковани се подготвуваат за нова производна офанзива. Со истите производи во нови победи. Лозарите, пак, не беа со таа среќа. Нивното производство не се позлати. Родот скапа, површините под насади се намалија, бидејќи гневните лозари, поради тоа што пласманот не им одеше, ископачија добар дел од насадите. Тие в година нема да берат грозје.
Сето ова ја наметнува дилемата дали ако сите удрат на производство на домати и на краставици в година ќе имаме хиперпродукција од овие култури, па нивната цена ќе паѓа, додека, пак, од друга страна недостигот од грозје ќе ја зголеми побарувачката, што во превод би значело скок на неговата цена. Математики има многу, а есапот ќе се види на крај, кога ќе се сублимираат податоците од производната година и кога пазарот ќе го даде последниот збор и ќе пресуди - кој добива, а кој губи.
„Годинава на пазарот најдобро поминаа доматите и краставиците, житните култури и јаболка, додека грозјето и млекото донесоа са��о чиста загуба за производителите. Она што е дилема во ваква ситуација е како да се планира наредното производство? Дали повторно да се сади она што донесе победа на тимот и се позлати како производство годинава или, пак, треба да се менува нешто, бидејќи останува неизвесноста дали она што сега поминало ќе помине и в година. Како и да е, земјоделците се раководат од нивната перцепција на стварноста, која можеби некогаш не соодветствува на пазарните движења. Всушност, веќе не постои страв дека ќе се јави хиперпродукција на храна и оти таа ќе се фрла и гази, бидејќи светот е гладен за храна, исто како за нафта“, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров. Според него, што и да се произведе и во колкави количества наредната година пазарот ќе ги апсорбира, бидејќи се градат откупни центри, се отвораат нови млекарници.
Експертите се едногласни - земјоделството се' уште е стихијно, не' чека уште многу работа на планирање и организирање.
„Земјоделството кај нас се' уште е стихијно и најчесто без бизнис-план. Она што добро поминало годинава земјоделците ќе сакаат да го садат и наредната година и тоа во поголем обем. Во таа намера, сепак, ги ограничува земјишната површина што ја поседуваат. Желбата за зголемување на производството во голема мерка треба да биде во сооднос со можноста за пласман, односно мора да се поработи на градењето стабилен однос меѓу производителите и откупувачите. Единствено тоа може да обезбеди стабилност на производството и следење на синџирот од нива до трпеза, посебно кај едногодишните култури, како што се градинарските“, вели деканот на Земјоделскиот факултет, Драги Димитриевски.
„Долгогодишните насади, како што се лозовите, ги погодува секоја криза, бидејќи вообичаено станува збор за производство што не е егзистенцијално и без кое може да се живее. Во овие случаи може да се ископачи дел од насадите, но тоа не се случува со целите површини, бидејќи се знае дека кризата ќе се преброди, иако полека“, додава Димитриевски.
Според него, најважно за стабилизирање на македонското земјоделско производство е подигнување на образованието на производителите на храна, кое ќе ги насочи не само како да работат, туку и да планираат како ќе работат.
„Мора да се подигне образовната структура на земјоделците, кое ќе им го трасира патот за менаџирање во секторот“, објаснува деканот на Земјоделскиот факултет. |