Флеш вести
Нов сингл на „Некст тајм“
„На крајот од денот“ е насловот на новиот сингл на „Некст тајм“, чие снимање заврши завчера во студиото на Раде Врчаковски-Врчак. Музиката и аранжманот се на Лазар Цветковски, а текстот го напиша Стефан Филиповски. Карактеристично за новата песна на двоецот е тоа што сите инструменти се снимени во живо и што текстот, кој е прилично автобиографски, зборува за тоа како луѓето мора да останат силни, да продолжат да веруваат и да даваат љубов и тогаш кога работите не изгледаат розово...
Четкар на џез-фестивал во Лондон
По завчерашниот њујоршки концерт во легендарниот „Иридиум“ на Бродвеј македонскиот џез-гитарист Владимир Четкар заминува за Лондон каде што на 15 октомври ќе го отвори Источноевропскиот џез-фестивал организиран во чест на 200- годишнината од раѓањето на Шопен. Четкар ќе настапи во „Поск џез-кафе“, а ќе се претстави со својот европски квартет, во кој покрај него членуваат и Хју Вајт - клавијатури, Џон Калверт - бас и Џошуа Блекмор - тапани.
Промоција на новиот албум на Били Ѕвер
По успешните настапи на „Макфест“ на ексклузивците на МНА продукција (Димитар Андоновски со песната „Те познавам најдобро“, Александар Тарабунов со „Иста си ко сите“ и Бојан Стојков со „Невени те покриваат“) и двете освоени награди, второ место за Бојан и четврто за Александар, продукцијата најавува две промоции.
Првата промоција за спотот на Јован Радњански за песната „Не ме издавај“ во режија на Џулијани се случи вчеравечер во кафулето „Шарк“, додека за утре, со почеток во 14,30 ч. во кафулето „Џоџо“ на улица „Ленинова“ е закажа9на промоцијата на првиот албум на раперот Били Ѕвер - „Мацедониш“.
|