ЕМИНЕМ
Двемилионска тужба против „Епл“
Раперската сензација Еминем и неговите издавачи бараат од компанијата „Епл“ 2.000.000 долари со цел да се надомести штетата, која, како што тврдат, им ја нанела американската мултинационална корпорација за електроника, софтвер и хардвер. Имено, „Епл“ нудела некои од песните на Еминем за бесплатно симнување од Интернет без никаква дозвола на издавачот, па уште од претходната година започна правниот спор.
Лани во октомври постигнаа меѓусебна спогодба, но сега издавачите не се задоволни од неа. Издавачите тврдат дека „Епл“ од илегалното симнување на песните преку „АјТјунс“ заработила 2.580.000 долари и сакаат паричен надомест од 2 милиона долари. На судот им ги предадоа новите документи и будно чекаат на новата спогодба.
Деновиве Еминем е се' повеќе актуелен. На неодамнешното интервју за американската емисија „60 минути“, хип-хоп ѕвездата негираше дека некогаш можеби ќе с�� смири со својот татко, затоа што, како што рече, не може да сфати како родителот може да го напушти своето дете и да прекине секаков контакт со него. Таткото на раперот, Маршал Метерс Втори, ја напуштил својата мајка Деби кога Еминем имал 2 години и ги оставил да се борат со сиромаштијата во опасниот дел на Детроит. Во 2003 година Метерс преку медиумите го повика синот за прошка и втора шанса, но Еминем остро го одби. „Никогаш не го запознав ниту некогаш сум го сретнал. Не знам дали воопшто сакам да го видам. Луѓето често ми го поставуваат тоа прашање, а јас навистина мислам дека не сакам. Не можам да сфатам како можел да не' напушти. Да отидат моите деца на крајот од светот, јас без сомневање ќе тргнев по нив и ќе ги пронајдев“, рече раперот, кој е татко на три деца. |