МАГАЗИН
Сјајот на стариот дијамант
Урбаниот трубадур Нил Дајмонд повторно се враќа на врвот со албумот Home Before Dark
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Се работи за оној добро познатиот Нил Дајмонд кој беше една од вистинските музички икони на популарната музика во 70-те. Овој вистински ветеран во музиката успеа овој месец да дотурка повторно до врвот на британските и американските листи со својот најнов албум и тоа за првпат по дури 4 декади или поточно 42 години по својот врвен успех. Овој витален 67 годишен американец имаше сериозен обид пред 16 години да го дофати врвот со својата компилација од најдобри хитови, но не успеа во тоа. И покрај фактот што тој е еден од најуспешните светски артисти со продадени 125 милиони плочи, добитник на „Греми“ и „Златен глобус“, сепак тоа не му помогна во фактот што ниту еден од неговите претходни 45 албуми немал таква слава и бараност на обете страни од Атлантикот. Нему му се позлати со овој последен албум Home Before Dark кој го направи заедно со извонредниот Рик Рубин, човекот кој застана во последните години од кариерата и зад Џони Кеш. Може да се забележи дека стариот лисец Рубин ја искористил истата формула што ја имаше и кај Џони Кеш, односно, ги разголил песните се до нивната гола основа. Фактички, ова е логично продолжение на нивната првична соработка на проектот 12 Songs во 2005.
Инаку, за оние кои не можат да се присетат, Нил Дајмонд е кантавтор од американско потекло, кој повремено се занимава и со актерство. Овој ветеран на прочуената “фабрика за музика” Брил Билдинг стана еден од најпознатите и најбараните изведувачи во 70-те. Пеејќи ги своите мелодраматични квази-госпелски песни со својот препознатлив баритон успеа да продаде милиони копии од своите плочи, кои 18 од нив добија и платинест тираж. Тој е роден и израснат во злогласниот Бруклин, а во средно училиште одел заедно со Барбара Стрејсенд (со која заедно и пеел во училишниот хор). Тој добил на подарок гитара за својот 16-ти роденден и тогаш ги научил тајните на музицирањето, а како добар композитор доста “набил километража” пишувајќи хитови за потребите на Брил Билдинг, а негов прв вистински авторски успех е нумерата I'm a Believer која ја исполнија Манкис. Во тие години срамежливо ја започнува и својата кариера како соло изведувач, се сели во Лос Анџелес во 70-тата и потпишува најпрвин договор со МЦА Рекордс, а потоа и со големите Колумбија Рекордс. Во 1974 го издава албумот Serenade, за во 1976 да следи Beautiful Noise, па и I'm Glad You're Here With Me Tonight во 1977. На последниов проект се најде и песната You Don't Bring Me Flowers која подоцна ја обработи и Барбара Стрејсенд па така диск-џокеите по клубовите правен микс од двете песни и двата вокали, создавајќи виртуелен дует. Токму оваа накалемена виртуелна песна и нејзината популарност им даде идеја на обајцата дека е вистинско време да снимат вистински дует што и се случи во 1978. Интересно е уште да се спомене и учеството на Нил во класикот Џез пејач од 1980 каде тој беше вклучен во саундтракот на филмот од каде се изродија големи хитови како America, Love On The Rocks и Hello Again. Во 2000-та ја добива наградата за животно дело на Семи Кан доделена во рамките на композиторскиот Hall of Fame.
Што се однесува до неговиот љубовен живот, Нил ја ожени Џеј Поуснер во 1963 и се разведе од неа шест години подоцна. Тогаш се заљуби и се ожени со Марша Марфи со која има 2 сина, а и тој брак заврши со развод во 1995-та. Тој е еден од најскапите разводи во историјата на познатите при кој Нил Дајмонд и исплати на Марша 150 милиони долари. Во годините кои следеа Нил секогаш изјавуваше дека Марша го заслужила секој пени и вредна повеќе од сите средства кои ги добила. Оттогаш тој е со австралијанката Рејчел Ферли која е доста помлада од него. Стариот дијамант повторно сјае!
ЗА АЛБУМОТ HOME BEFORE DARK
Може слободно да се каже дека целиот свет ја чекаше оваа повторна колаборација на Рик Рубин и Нил Дајмонд и каква лектира за читање ќе понудат овојпат овие врвни мајстори на својот занает. Оваа спојка на пропаднатиот студент по медицина (Дајмонд) и пропаднатиот басист на арт-панк бендот Хозе (Рубин) , особено по соработувањето на Рубин со Кеш беше многу возбудлива и примамлива за целата слушателска публика.
Може да се каже дека искусниот тим Нил Дајмонд и Рик Рубин повторно погодија во центарот. Очигледно е колку одиграла улогата на Рик (кој не само што е одличен продуцент, туку и огромен мотиватор) во скулптурирањето на овој музички проект на Нил Дајмонд, исто како што беше случај со стариот добар Џони Кеш. По нивниот 12 Songs ова е одличен албум кој не е нималку поневозбудлив од својот претходник, туку само ја продолжува прикаската до каде што застанаа овие двајца искусни музички лисци. Ако 12-те песни докажаа дека забот на времето ништо не му сториле на извонредно виталниот и остроумен кантавтор Нил Дајмонд и дека има сеуште што да каже, овој нов проект отиде и чекор понатаму, рехабилитирајќи го звукот на Нил од 70-те кој публиката и критиката тогаш го критикуваа и го рангираа во таканаречениот нискобуџетен МОР. Овојпат Нил зад себе имаше вистинска ѕвездена свиречка екипа (двајца од Петиевите Хартбрејкери – органистот Бенмонт Тенч и гитаристот Мајк Кембел, па и слаткиот вокал на Натали од Дикси Чикс). Од почеток до крај на овој материјал Нил сложил доста издржан и уверлив албум како оние вистински дијамантски примероци од 70-те во своето портфолио. Amazing Grace е во баладерски стил со моќна мелодија, Don’t Go There е непогрешива кантри поп стилизација, Another Day (каде вокално се испреплетоа со Натали)е вистински расна авторска нумера во негов споровозен и драматичен стил, No Words – мало ремек дело од тетратката на класичниот Нил Дајмонд. Без ниедна импровизација и грешка, овој проект без слаба точка (како што велат и критичарите) е на самиот врв (не само на листите) туку на дискографската листа на Нил и може да се носи рамо до рамо со оние проекти-капиталци од 70-те како Beautiful Noise и You Don’t Bring Me Flowers. Кои се творците на ова музичко парче во кратки црти?
За господинот Дајмонд веќе многу кажавме, но би подцртале дека е тој творецот кој ја напиша Solitary Man (а подоцна ја обработи и Кеш), Iе'm A Believer за Манкис, па верувале или не и најголемиот хит на реге-мајсторите UB40 - Red, Red Wine е негово дело. Овој екстремент љубител на различни видови на кошули и обожавател на Лас Вегас и ноќните проводи е познат и како совршен балансер помеѓу имиџот на урбан трубадур и вистински кантри каубој од правливата Америка. За Фредерик Џеј Рубин е битно да се спомене дека е тој човекот кој ги продуцирал скоро сите еминентни имиња на современата музика (од Џеј Зи и Ситем оф а даун па се до Рејџ агејнс д машин и Џони Кеш). |