МАГАЗИН
„Евросонг“ е на ниво на Европско првенство во фудбал
И две недели по одржувањето на најголемиот музички спектакл, не стивнуваат коментарите
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Две недели по одржувањето на евровизискиот фестивал, музичка забава која провоцира 200 милиони луѓе таа вечер да го следат натпреварувањето, се' уште ги бранува музичките кругови. Останавме без финале, искоментиравме дека по правило праќаме добри пејачи, а лоши песни, но се' уште го немаме вистинскиот одговор, што значи комплетен производ кој би требало да патува за Европа - да ни го обели образот. Ви ги пренесуваме размислувањата на неколку анкетирани музичари.
Композиторот и продуцент Александар Масевски смета дека годинава немавме доволно среќа, а Евровизија е полна со изненадувања во однос на пласман. Виновникот не лежи ниту во настапот ниту во песната, бидејќи од 20 композиции, само 10 имаат влез за финалето, а ние едноставно не бевме меѓу нив.
Инаку, Евровизија ја смета за важна за промоција на земјата само доколку си победник и следниот избор се случува кај првопласираните. Во сите други случаи, а особено за сите пласирани под петтото место, настанот нема особена важност. „Она што е навистина важно е најпосле да и' обрнеме внимание на песната, на нејзиниот квалитет и, се разбира, да не реагираме на сугестии од организаторот, кој често наметнува стилови, вели Масевски. Да не се оптоваруваме со прашањето дали песната треба да биде со брз ритам или да е балада, да не размислуваме кој треба да не' претставува следната година, на кого му е редот, туку да се избориме да имаме најдобра песна, без разлика кој ќе ја пее. Да не бараме формули, правила, закончиња и подзакончиња за тоа каква би требало да биде песната, туку за промена, да одиме спонтано, олабавено, малку интуитивно и похрабро во однос на стилот на самата песна. Се разбира дека таа треба да биде поткрепена со настап што ќе и' одговара, но тоа не мора да е клише. Помислете само на настапите на Дима на оваа Евровизија, но и на онаа на која го освои второто место. Ништо бомбастично… суптилно, креативно и оригинално. Тоа остава впечаток“. Масевски размислувањата за Евровизија ги заврши со спомнување на неговите овогодишни фаворити - Русија и Украина и квалификување на манифестацијата како циркузијада. „Евровизија пред 20-30 години беше репер за манифестација на високо ниво. Денес е циркус со милиметарски измерени претенциозно направени хитови“.
Калиопи годинава првпат го следеше финалето од самото место на настанот - од белградската „Арена“. „Благодарение на инсистирањето на мојот голем пријател и најблизок музички соработник Дарко Димитров, отпатувавме за Белград... Сакам да потенцирам дека едно е Евровизија на малите екрани, кога се следи од тросед, кога се коментира и мези. Сосема поинаква димензија добива одблиску, а посебно една ваква Евровизија, каде што домаќините ја сведоа организацијата до перфекција“.
Калиопи смета дека евровизискиот спектакл, таа огромна машинерија е идеална можност за презентација на својата земја. Проектот – песната, изведувачот и идејата се императив во целата приказна и токму затоа оваа наша дива ја потенцира подршката на државата. И финансиска и морална и, се разбира, подготвеноста на организаторот да се справи со својата улога. Калиопи верува и во принцип и во нијанси, сметајќи дека можеби е најважна културата на сцена, но и надвор од неа, бидејќи секој момент , секој контакт значи претставување на својата земја. „Што се однесува до начинот како ги бираме нашите претставници, продолжува Калиопи, нема да коментирам, затоа што не сакам да биде ставено во поинаков контекст, како што се случувало досега, кога одредени мои зборови и критики биле погрешно толкувани и интерпретирани, иако нивната намера била најдобронамерна... Најголемата одговорност тука му ја припишувам на организаторот! Сведоци сме на досегашни разни формули за избор на песна, една тотална недореченост и неискористена можност до крај, иако условниот неуспех најчесто им се удира од глава на оние што треба да се појават на сцена и да го износат целиот товар...
Не сакам да кажам ТОА Е МАКЕДОНИЈА, затоа што не е така! Оваа земја, сепак, има најквалитетна музичка сцена на Балканот, па и пошироко... Значи, не е до тоа! Туку каде е совесноста и стручноста на организаторот, како и подршката на државата и на бизнис-елитата на оваа прекрасна земја која има што да покаже“.
Ване Јовчев од „Синтезис“ е со став дека на Евровизија треба да испратиме песна со национално обележје, ама со многу помодерен звук, спакувана во европски пакет. Она што недостасува се парите и, пред се', концепт и стратегија. Евровизија (ако се претставуваш во вистинска светлина) е многу добра промоција за земјата, а особено за изведувачот или групата. Што се однесува до нашите претставници, Јовчев е категоричен дека годинава имавме анемичен, незабележлив настап. „Не видов концепт, кореографија, идеја... Продукциски нашата песна се разликуваше од останатите и беше многу послаба, мелодиската линија беше проблематична. Машките вокали повеќе брчеа отколку што пееја и стајлингот на Тамара и на момците беше лош. Тие се многу поатрактивни и поубави во секоја друга прилика...“
Инаку, според Јовчев, постои формула за успех, а тоа го покажаа и Србија и Русија. Прво е важна целта - ако ви е важна победата, ќе направите се', ќе вложите многу повеќе, ќе ангажирате професионалци кои си ја знаат работата и успехот мора да дојде. Во ова 53. евровизиско натпреварување беше впечатлив напорот на делегациите и на изведувачите да се поатрактивни во својот настап и промоција. Сметам дека Евровизија одамна веќе не е натпревар на музика или таленти. Повеќе е натпревар на концепти, пакети и маркетинг“, вели Јовчев.
Огнен Неделковски, текстописец и драматург, размислувањата за Евровизија ги врзува за константата дека музиката и спортот се најголемите амбасадори на една земја и дека постои огромна симбиоза меѓу организаторот и изведувачите. Инаку, според огромната популација што го следи овој фестивал, тој смета дека станува збор за најбрза можна промоција на Македонија. „Мислам дека е крајно време целата нација да сфати дека ’Евросонг‘ е на ниво на Европско првенство во фудбал со единствена разлика што на ’Евросонг‘ учествуваат двојно повеќе земји. Се' додека Македонија не успее да се пласира на ЕП во фудбал, не е лошо да размислуваме за вложување во нашите музички амбасадори. Годинава бев на ’Евросонг‘ во Белград, како автор на текстот за песната што ја претставуваше Црна Гора, и бев сведок на сите проблеми со кои се соочуваше македонската делегација. За жал, и Македонија и Црна Гора не го премостија полуфиналето, ама од секој пораз е важно да се извлече некаква поука. Тамара, Врчак и Гаџа одлично си ја завршија својата работа и најдостоинствено ја претставија својата земја, која многу малку застана зад нив. Тие се млади и бескрајно таленти��ани луѓе и се надевам дека побрзо ќе го заборават неуспехот во Белград. Не е виновна ниту МТВ. Со толку пари, толку музика. Знаете кога ќе бидеме во врвот или кога ќе победиме на ’Евросонг‘? Кога државата ќе почне уште од сега да размислува за ’Евросонг‘, што ќе се одржи в година во Москва, па ќе го одврзе ќесето, па ќе ги викне сите луѓе што можат да помогнат со совет или идеја, па ќе направи соодветен проект, па ќе ангажира агенција која ќе ја изведе целата работа итн. Само така некогаш ќе мрднеме од европската просечност и ќе потврдиме дека сме музичка нација. Доволно е да го прекопираме примерот на Србија од лани или годинешниов на Русија.
Но, за тоа се потребни пари и идеи. Сите што сметаат дека треба да се откажеме од ’Евросонг‘ се обични малодушници и лузери, кои се плашат од конкуренцијата и од реалноста“, смета Неделковски.
|