Брoj 2705  петок, 06 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

ТВ ФОТЕЛЈА

Раат

РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ

Топ-тема во државава од понеделникот наваму се трите камиона со опасни материи заглавени на граничниот премин Блаце.

Добро е. Тоа е сигурен знак дека има надеж за Македонија. Во споредба со 20-дневната невидена атака врз сите сетила, која доживеа кулминација во изборниот ден, информациите за некаков си проблематичен товар се како празник за ушите. По некоја перверзна логика, човек да посака нашиве (електронски) медиуми почесто да се занимаваат со такви „тривијални“ теми наместо да бројат колку насилници и недолжни граѓани го извлекоа подебелиот крај во денот што треба(ше) да претставува празник на демократијата.

Секое чудо за три дена, па и шестите парламентарни избори во Македонија. Освен по агресивноста, по ниските удари и по новите еротски методи на агитација, со спомнување фустани и со пораки дека по „онаквење“ нема каење, не ни има по што да се памети кампањата. Барем да имаше телевизиски дуел на лидерите на двете најголеми партии, па да има што да се прераскажува, како во легендарниот вербален двобој меѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски пред изборите во 1998 година, кога во размената на отровни стрели, централно место имаа зборовите виски и џоинт. За жал, од 2004 и претседателските избори наваму, кога преку малиот екран се пресметаа Црвенковски и Сашко Кедев, ТВ-сеирџиите веќе два изборни циклуса се на принуден пост.
Можеби и подобро е така, зашто практиката во изминатите 17 години плурална демократија во Македонија покажа дека политичарите не отишле многу далеку ни во елементарниот бонтон во меѓусебното општење пред камерите, а камоли во однос на елаборацијата на сопствените видувања за одредени прашања. Се' додека се користат аргументите на силата наместо силата на аргументите, нема ни да има вистинска борба на различни политички ставови, по која избирачите врз основа на сопствените убедувања ќе решат кому ќе му ја дадат довербата. Штосот, вицот и празната реторика и понатаму се сметаат за поефективно средство во политичката битка, кое го релативизира значењето на програмите, односно на конкретната понуда од партиите до гласачите. Се' уште е поважно како на отворена сцена ќе го исплукаш идеолошкиот соперник отколку што предлагаш точно за надминување на проблемите и за подобрување на животот на граѓаните.

Но, има и неспоредливо поубави работи од ��олитиката. Од утре веќе никому, барем од машкиот дел на популацијата, нема да му биде гајле што се случуваше во поголемиот дел од мај, бидејќи во Австрија и во Швајцарија почнува Европското првенство во фудбал. Штом се затркала буба-марата, фаќај пусија покрај телевизорот и - кулирај. Заслуживме, белки, малку раат.


Статијата е прочитана 276 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Нов видеоспот и настап на Радиски фестивал за Сања Лефкова
Граѓанска иницијатива за итна изградба на спомен-куќата на Тоше
„Евросонг“ е на ниво на Европско првенство во фудбал
Сјајот на стариот дијамант